Број на текстови објавени денес: 86

Само ДУИ и ВМРО ќе се тркаат со кандидати од дијаспората?

dijaspora-glasanje

Со објавувањето на кандидатските листи само ДУИ објави и листа за седмата изборна единица односно за дијаспората, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе имаат секако и кандидати во оваа изборна единица, додека од ДПА и од СДСМ нема одговор на прашањето дали ќе влезат во трка за гласовите на иселените. Павле Трајанов од Коалицијата за промени и правда вели дека владејачките партии преку државните претставници во дијаспората регруртираат гласачи и дека таму нема услови за демократски натпревар.

Денеска завршува пријавувањето на гласачи од дијаспората, а според последните информации што ги соопшти Државната изборна комисија,  до вчера до 14 часот пријавени за гласање биле 16.720 македонски државјани кои живеат во странство од кои 14.156 се прифатени, одбиени 208, а во обработка се 2.356. За да биде избран пратеник од дијаспората тој ќе треба да освои околу 6.500 гласови, па неизвесно е дали некој од кандидатите ќе дојде до оваа бројка. Инаку од дијаспората се избираат тројца пратеници.

ДУИ вчера ги објави кандидаските листи, а нивната листа во дијаспората ќе ја преводи Џевдет Спахиу.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната кандидатска листа за дијаспората ќе биде позната денеска, кога ќе ги објават и другите листи, но утрово не откриваат кој ќе биде тој.

– Се подготвуваме за избори во дијаспората. Преку задграничните комитети сме во постојани контакти со иселениците, ќе се формира и посебен изборен штаб – вели Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, на предходните избори сите тројца пратеници од дијаспората беа на ВМРО-ДПМНЕ. Практично борба за гласови во дијаспората  водеа двете владејачки партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

ДПА пратеничките листи ги објави уште пред десетина дена, но во нив немаше предлози за седмата изборна единица. Денеска прашавме ќе имаат листа во седмата изборна единица, но одговор не добивме.

СДСМ и партии од оваа нивната коалиција на конгрес во неделата ги објавија пратеничките листи за изборните единици во земјава, но не беше објавена листа за седмата изборна единица. Како што објаснуваат од партијата, кого ќе кандидираат во оваа изборна единица останало да одлучат партиските тела, но таа одлука до денеска не е соопштена на јавноста.

Денеска се обидовме одговор да добиеме од Дамјан Манчевски кој го води изборниот штаб од СДСМ, но тој не одговараше ниту на телефонските јавување ниту на смс пораките.

Павле Трајанов пак од Коалицијата за промени и правда вели дека според информациите што ги добиваат од нивните членови во дијаспората, владејачките партии преку амбасадите во Австралија, Швајцарија Германија, регрутираат свои гласачи.

– Размислуваме дали да влеземе во таа трка и ние зошто имаме кандидати, но во вакви услови, кога владеаќките партии регрутираат сгласачи со државни ресурси, неможе да стане збор за фер политички натпревар, па и затоа решивме да не трошиме енергија – вели Трајанов.

Инаку од овие избори дијаспората наместо во три, гласа во една изборна единица што се направи за да може полесно да се постигне цензусот од 6.500 гласа.