Број на текстови објавени денес: 46

Решение за престанок на работата на комбинатот Југохром од Јегуновце

download746

Државниот инспекторат за животна средина донел решение за престанок на работата на комбинатот Југохром од Јегуновце. За оваа одлука министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети денеска ја информираше градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи со која се сретна во зградата на општина Тетово. Според министереот Амети ова решение било донесено согласно законските прописи и претходните одлуки што го обврзуваа овој комбинат до денеска да постави систем за отпрашување.

– Иако за ваква одлука можеби нема согласност од сите засегнати страни, меѓутоа инспекторатот постапил според позитивните закони на Република Македонија. Не било лесно да се иницира ваква одлука имајќи ја предвид социјалната компонента и важноста што ја има работата на овој комбинат за вработените во фабриката меѓутоа за нас пред се е најважно здравјето на граѓаните – изјави Амети.

За градоначалничката Арифи ваквата одлука на инспекторатот е во согласност со нивните ставови дека запирањето на работата на Југохром во овој период од годината ќе придонесе за почист воздух во регионот.

– Минимално дефинитивно е важно овој комбинат во текот на зимските месеци да не функционира имајќи го предвид фактот дека тоа станува проблем за сите граѓани на полошкиот регион. Токму поради тоа апсолутно сите активности преземени денеска од страна на инсекторатоти сметаме дека ќе има поширока рефлексија и разбирање на фактот дека навистина ова прашање треба да се гледа во интерес на сите граѓани што живеат во полошкиот регион – рече Арифи.

Конечното решение за запирањето на работата на Југохром односно постапување по ова барање на државниот инспекторат за животна средина треба да го донесе Владата како колективен орган на своја седница. Пред две години управата на Југохром од Владата доби продолжување на рокот за поставување на систем за отпрашување заклучно со денеска. Генералниот директор на Југохром Васко Скендеровски посочи дека започнале со градежни работи за поставување на ваков систем но оти изгубиле многу време во добивањето на потребните градежни дозволи. Од Југохром било побарано продолжување на рокот за поставување систем за отпрашување за дополнителни 18 месеци.