Број на текстови објавени денес: 70

Референдум во Италија – тест за естаблишментот

italija-renci-eu

По Брегзитот и изборот на републиканецот Доналд Трамп за американски претседател, многумина сметаат дека претседателските избори во Франција се следниот тест за западната демократија, но пред тоа, в недела ќе се одржи и референдумот за уставни реформи во Италија, кој може да доведе до пад на Владата на италијанскиот премиер Матео Ренци, оценува „Дојче веле“.

Според германското радио, Ренци се надева дека во случај на позитивен резултат, државата конечно би станала постабилна, откако за околу 70 години промени 63 влади.

Со уставните измени сегашниот систем на два рамноправни дома на Парламентот треба да се укине, а моќта на Сенатот би била ограничена. Пратениците повеќе не би можеле толку едноставно да ја уриваат владате и трајно да блокираат донесување на закони. Со тоа, според експертите. би се зацврстила позицијата на владата.

Италијанскиот Парламент има 951 пратеник и е трет по големина на светот.

Рамноправноста на двата дома доведува до тоа донесувањето на законите да се одолговлекува во недоглед.

– Дури и ако во некој закон сакате да ја промените само запирката, тоа мора да го прифати и вториот дом на Парламентот, објаснува за „Дојче веле“ политикологот од Универзитетот „Џон Кабот“ во Рим, Франко Павончело.

Површно гледано, изборот на референдум е едноставен, ако гласачот заокружи „да”, ја поддржува владејачката Демократска партија. Ако се одлучи за „не”, ја спречува владата во зацврстувањето на нејзината моќ. Премиерот Ренци најави оставка, ако мнозинството се изјаснат против реформите.

– Тој ова прашање го претвори во политичко – тоа е многу незгодно, вели Павончело, додавајќи дека таборот на Ренци се надева оти неодлучните гласачи сепак ќе гласаат со „да”.

Според последното истражување на јавното мислење, мнозинството Италијанци не сакаат уставни промени.

Сепак, како што наведува „Дојче веле“, Брегзитот и Трамп покажаа дека на анкетите не може да им се верува. Факт е дека Ренци е притиснат од сите страни: против него е конзервативната десница под водство на поранешниот премиер Силвио Берлускони, но и популистичката партија Движење Пет ѕвезди.

Политикологот од Сиена, Лука Верчичели оценува дека е парадокс што против реформите на Ренци се и членови на неговата партија и додава дека стратешки би било погрешно да се искористи референдумот за гласање доверба на владата.

– Десниот центар, радикалната левица, малите партии, па дури и дел од демократите – се против. А ако го сменат премиерот, тие групи ќе мора да решат како понатаму. Но, тие не се во состојба да се согласат околу што било, освен околу гласањето „против“ на референдумот. Ако противниците победат, тоа ќе биде скапо платена победа. Бидејќи, опозицијата веќе одамна знае дека уставната реформа е неминовна. Референдумот е единствена можност за промени, предупредува Верчичели во изјавата за „Дојче веле“.

Тој е загрижен поради јакнењето на десните и левите популисти во Италија и смета дека тоа треба да ја вознемири и Европа, исто како и развојот на настаните во Велика Британија и САД. Верчичели се плаши дека по евентуално отфрлање на уставните рефоми и пад на Владата, ќе следи нова фаза на еконосмка несигурност во Италија, чиј јавен долг сега изнесува 135 отсто од БДП.

Според анкетите, околу 40 проценти од Италијанците се „против“ уставните реформи, 37 се „за“, додека 23 отсто се уште не решиле како ќе гласаат на референдумот.