Број на текстови објавени денес: 46

Ременски: Имало ли дупликат картички за бензин за „туагерот“?

%d1%80%d0%b5%d0%bc2

Го повикувам заменик-министерот Диме Спасов да си поднесе оставка затоа што го нарушува угледот на институцијата, а директорот на Агенцијата за вработување Владо Поповски да се повлече од функцијата затоа што ја злоупотребил службената должност и постапил спротивно на правилникот за користење на службени возила, рече министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски на денешната прес конференција.

Таа најави дека утре против Спасов и Поповски ќе поднесе кривични пријави. Во врска со објаснувањето што го даде Поповски дека постоел документ врз основ на кој возилата му биле дадени на Спасов, министерката рече дека таква владина одлука не постои, а ниту директорот ниту заменик-министерот имаат право да отуѓуваат државен имот.

– Државниот имот може да се отуѓува единствено со владина одлука. Со таква одлука и овие четири возила лани во септември се отстапени на Агенцијата. Ако постоела друга одлука надлежните во Министерството ќе ја знаеле – рече Ременски.

Таа праша и зошто ако возилата биле дадена на користење од Агенцијата за вработување на заменик – министерот, регистрацијата во април годинава ја направила Агенцијата.

– Пописот што е направен лани констатира дека овие четири возила се дадени на користење на Агенцијата, а истото се наведува и во пописните листи од вонредниот попис. Во правилникот на Агенцијата не постои можност директорот овие возила да ги стави на располагање на друго лице што не е таму вработено, а и вработените може да ги користат во периодот од 8.30 до 16.30 часот. Дали е точно дека за овие возила имало дупликат картички за бензин, едни од Агенцијата за вработување со кои се полнело бензин на бензинските на „Пуцко Петрол“ и други на непознати лица од Министерството за труд и социјала со кои се ставал бензин во „Макпетрол“ – праша Ременски.

Таа праша дали и викенд акцијата во архивата на Агенцијата била поради овој случај и дали поради тоа имало закани за вработени во овој сектор.

Станува збор за возила „голф 6“, „алфа ромео“, „фолсфаген туарег“ и „фолсфакен пасат“.

Таа побара информација за тоа што се случувало и од возачот кој во полиција кажал дека го возел возилото, но добила одговор дека тој од денеска е на боледување.

Инаку Спасов и денеска не беше на работното место во Министерството за труд и социјална политика, кога беа таму новинарските екипи. Во неговиот кабинет владееше опуштена атмосфера, два – тројца вработени си разговараа, а кога прашавме дали денеска Спасов дошол на работа, ни рекоа прашањето да го поставиме писмено, па ќе одговорат.