Број на текстови објавени денес: 62

Рамниот и прогресивниот данок фатени во костец

danok2

Каков данок е погоден за македонскат економија – рамен, односно еднаков за сите граѓани, или прогресивен, односно поголем за побогатите, а помал за посиромашните е едно од најзначајните прашања за кое се кршат копјата на политичките партии, но и за кое дебатираат економските експерти. За СДСМ, сегашната огромна нееднаквост на граѓаните е резултат на рамниот данок. ВМРО-ДПМНЕ пак, го брани концептот на сегашното оданочување според кој, во Македонија има рамен данок.

Поделени со мислењата се и даночните експерти. Тие, вчера дебатираа на тема трибина „Рамен или прогресивен данок и заштита на правата на даночните обврзници“ во рамките на трибината што ја организираше Центарот за даночна политика.

Според даночниот експерт Славко Лазевски, ефектите што до сега се постигнати од рамниот данок укажуваат на неуспешен проект.

– Мораме да се вратиме на прогресивното оданочување, онака како што е во доминантните земји од ЕУ, пред се како во Словенија и во Хрватска. Рамниот данок не даде ефекти врз спречувањето на сивата економија, ниту врз даночната евазија – вели Лазевски.

Тој смета дека секогаш постојат разни начини на прогресивното оданочување и тоа зависи од конкретната ситуација во земјата во која се применува.

– На пример, она што беше доминантно во програмата на Трамп е олеснување за најбогатите и најсиромашните, односно товарот на неговата програма го носи средната класа. Во Хрватска, даночните реформи велат: не за оданочување на ниските класи, туку оданочување на средната и на високата класа. Во Република Македонија не постои можност за средната класа, не постои можност нешто да се промени кај сиромашните, така што потребата од повисоки даноци единствено можеме да ја задоволиме кај даночните обврзници со повисок доход – смета Лазевски.

Борче Смилевски пак, смета дека рамниот данок добро се покажал и донел многу поголеми придобивки, отколку прогресивното оданочување, но потенцира дека прогресивното оданочување е поправично.

– Даночната рефорама се одвиваше во 2007 и во 2008 година. Претходно имавме прогресивно оданочување, но со реформата се покажа дека може да се намалуваат даноците, а истовремено да се зголемуваат даночните приходи. Сакам да потенцирам дека даночната политика не се однесува само на даночните стапки, даночниот систем е прилично комплексен, составен е од многу компоненти и треба да се земат предбид сите компоненти. Прогресивното оданочување претпоставува поголема правичност и фер оданочување што би требало да донесе поголеми даночни приходи, но би требало да се разгледа со кои мерки да се воведе во даночниот систем – објаснува Смилевски.