Број на текстови објавени денес: 49

Работилници, филмски проекции, награди на седмиот Мобил фестивал

%d1%84%d1%84

Официјалната вечер на Седмото издание на фестивалот на филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“, што го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и Медиа“ од Битола, е закажана за 26 ноември, со почеток во 18 часот, во Кинотеката на Македонија.

„Ќе бидат прикажани сите филмови што пристигнаа на нашата адреса, на повикот за учество на фестивалот за снимање краток филм со мобилен телефон. Повикот беше отворен еден месец, а пристигнаа дваесетина филмови од македонски, но и од автори од соседни земји. Најдобриот филм што ќе го избере тричлено жири ќе ја добие наградата „Ратка Илиева – Лале“, а таа ќе се состои во стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје, ЕСРА. Ќе бидат доделени и награди за: оригинална идеја, најиновативен филм, приказна“, се наведува во соопштението.

Ќе бидат прикажани и видеа од работилницата за стоп-анимација што е закажана за денеска во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје. Под менторство на професорките Кристина Битракова и Ангелина Дамјаноска-Наумоска, триесетина ученици од трета и од четврта година се љубопитни да дознаат повеќе за стоп-анимацијата и можноста со мобилен телефон да креираат филмско дело. Во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје, на сите учесници на работилницата ќе им биде понудена стипендија за школување, која ќе подразбира намалување на трошоците за студирање за една третина, односно за 30 отсто. Најсреќните десетмина во публиката ќе добијат награда, бесплатни влезници за филм од репертоарот на киното „Милениум“, а за публиката ќе има и други награди и изненадувања.

Во рамките на фестивалот, утре и в четврток во 18 часот, во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани два детски играни филма, за деца над 10 години. Станува збор за холандскиот „Малиот гангстер“ и за германскиот „Авантурата на Нели“. Двата филма неодамна беа дел од програмата на фестивалот за деца и млади „Џифони Македонија“, а „Малиот гангстер“ беше победник во категоријата „јуниори“.

Фестивалот го поддржуваат Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, како и МЕПСО.