Број на текстови објавени денес: 62

Пругата кон Грција ќе ја гради идната влада

%d0%bf%d1%80%d1%83%d0%b3%d0%b0-%d0%b3%d1%80%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0

Изградбата на пругата кон Грција е запрена и ќе продолжи да се гради откако новиот состав на владата ќе објави нов тендер. За тоа треба да се произнесе и Европската унија, бидејќи проектот се финансира со пари од ИПА фондовите. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски конечно призна дека досега бугарскиот конзорциум ништо не реализирал од договореното и затоа дежавата му го раскина договорот. Ќе следи и активирање на банкарската гаранција.

Во меѓувреме, фирмите подизведувачи на работите се жалат дека не се исплатени, а работниците кои работеа изминатиот период на суд ги бараат неисплатените плати.

– Компанијата што имаше договор, согласно времетраењето на тој договор не ги исполни во целост сите работи што се вметнати што се аплицира во самиот проект, тоа значи дека Владата мора да преземе мерки за да го заштити државниот интерес и затоа се пристапува со раскинување на договор. Сега постапката е во раскинат договор, а од друга страна се она што се критериуми мора да бидат преземени, како што е наплаќање на банкарска гаранција – изјави Мисајловски.

Дополнителен проблем за власта сега е и тоа што оваа пруга се гради со пари од ИПА фондовите и за распишување на нов тендер треба да се консултира и ЕУ.

Домашните компании кои се подизведувачи на работите на пругата веќе неколку месеци алармираат дека бугарскиот конзорциум не им плаќал за сработеното. Сега и нивните вработени најавија тужби за неисплатените плати.

Државата, како што изјави Мисајловски, не се интересира за тоа дали бугарскиот конзорциум ги исполнил обврските кон нив бидејќи како што рече, тоа се договори потпишани меѓу конзорциумот и поединечните фирми.

– Им објаснив и на оние компании што се затечени и што имаат договор со главните изведувачи дека нивна обврска е тоа што го имаат меѓусебе потпишано како договор, а што не е одобрено од Министерството за транспорт и врски дека треба согласно договорот да си ги бараат своите права – рече Мисајловски.

Пругата до Грција требаше да биде изградена до јули годинава. Изведувачот на работите, според проектот, требаше да го промени горниот и долниот строј на неупотребливата пруга, да изгради нов железнички крак кон индустриската зона „Жабени“ и да изгради нова станица на оваа локација, да го реконструира стојалиштето кај селото Кравари, да изгради и рехабилитира девет помали мостови и 10 железнички премини и да постави сигнална и телекомуникациска опрема.

Со целосната изградба на пругата требаше да се овозможои по неа да се движат дизел локомотиви и товарни вагони од секаков тип со максимална брзина од 100 километри на час. Со проектот се предвидува и целосно санирање на железничката станица во Битола.

Според она што го има на терен, изградбата е во почетна фаза. Кога сега ќе биде завршена ќе зависи од ЕУ и новата влада кои треба да се договорат за новиот тендер.

За изградба на пругата од Битола за Грција преку ИПА фондовите беа обезбедени 20 милиони евра, а колку се потрошени досега не се знае.

Конзорциумот кој го доби тендерот за изградба на оваа пруга беше составен од три бугарски и една македонска компанија „Понстрој инженеринг“, „Трејс“, „Водстрој“ и „Карпош“.