Број на текстови објавени денес: 0

Промоција на „Лустрација или кастрација на здравиот разум“ на Трендафил Ивановски

trendafil

На 5 декември во просториите на поранешното кино „Култура“ во Скопје со почеток во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Лустрација или кастрација на здравиот разум“ од д-р Трендафил Ивановски, кој е авторот и издавач на книгата. Ивановски е поранешниот претседател на Уставниот суд на Република Македонија, првиот лустриран функционер и прв што добил пресудата од страна на Европскиот суд за човекови права.

Низ страниците на оваа книга авторот низ сопствениот случај на лустрација, аргументирано зборува за лустрацискиот процес во Македонија, за неговото искуство низ лавиринтот од препреки пред органите во нашата земја, како и за постапката пред судот во Стразбург со која конечно и е пресудено на лустрацијата во Европа.

Покрај тоа во книгата опширно е елаборирана самата суштина на лустрацијата воопшто и особено на македонската лустрација и кризата на македонското општество и држава.

На промоцијата за книгата ќе зборуваат проф. д-р Борче Давитковски – поранешен декан на Правниот факултет „Јустинијан Прима“ и Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија за Европскиот суд за човекови прва во Стразбург и актуелен потпретседател на Уставниот суд Босна и Херцеговина, како и авторот на книгата д-р Ивановски.