Број на текстови објавени денес: 0

Промоција на книгата „Живот вреден за живеење“ в недела

%d0%b7%d0%b8%d0%b2%d0%be%d1%821

Промоција на книгата „Живот вреден за живеење“ (книга исповеди на семејства со деца со пречки во развојот во Македонија) ќе се одржи в недела, 6 ноември, во 12.30 часот во „МКЦ клуб ресторан“.

Автори на книгата, во издание на „Или-Или“, се Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска, а фотографиите се на Драги Неделчевски.

Книгата претставува збирка на 15 лични приказни на родители, сестри/браќа на деца и младинци со пречки во развојот. Автори се Емилија Георгиевска-Наневска (психолог, предавач на универзитетите Сафолк и Сент Луис во Мадрид) и Мимоза Петревска Георгиева (новинарка во „Нова Македонија“) и двете мајки на девојчиња со посебни потреби. Фотографиите се на Драги Неделчевски од Тетово, татко на момче со церебрална парализа.

Книгата опфаќа исповеди на членови на најтесното семејство за нивните најблиски со различни видови попречености (Даунов синдром, церебрална парализа, аутизам и други ретки болести) кои произлегуваат од различни социјални, верски и етнички контексти. Таа е пионерски и значаен потфат кој ќе мотивира многумина во прифаќањето и споделувањето на нивните искуства. Книгата има и едукативен и терапевтски карактер. Покрај описот на дијагнозата и секојдневието на детето, родителите пишуваат за терапиите, социјалните и семејните односи, интегрирањeто во градинка/училиште, само-грижата и нивните начини на справување, a даваат и сугестии за тоа како може да се подобрат условите за живеење на овие деца кај нас.

Во книгата се застапени и дел од децата со попреченост со кои правиме куси разговори, со цел да се чуе и нивниот глас.
Книгата „Живот вреден за живеење“ ќе ја промовира писателот Гоце Смилевски, кој во својот осврт вели:

– Станува збор за една од оние книги чие објавување претставува неопходност. Неопходност, за да научиме како подобро да ја сфатиме и прифатиме различноста, но и како да се сфатиме и прифатиме самите себе. „Живот вреден за живеење“ е дело кое ни ја открива срцевината на нашето постоење – самата вредност на нашиот живот кој се остварува низ односот кон себе и односот со другите. Тоа е книга која, доколку сме отворени за нејзината содржина онака и онолку како и колку што нејзината содржина е отворена за нас, може да нè научи како, преку запознавање на различноста и другоста, да допреме до самите себе.

Во рецензијата за книгата, пак д-р Венка Симовска од Универзитетот Орхус во Копенхаген пишува: „Да се документираат, формулираат, презентираат и објават приказните на родителите на деца со посебни потреби е од огромна важност не само за оние кои ги раскажуваат приказните и за најважните јунаци во приказните – децата – туку и за сите родители, како и за читателите во поширока смисла. Да се слушнат тивките но моќни гласови што ретко ги слушаме во јавниот дискурс, да се добие макар мал увид во световите на семејствата што тектонски се поместуваат кога ќе се роди дете со посебни потреби, да се почувствува, макар во зародиш, комплексноста на емотивните турбуленции низ кои поминуваат родителите, и битките, не со децата, туку пред се со опкружувањето, е скапоцен подарок за сите читатели во Македонија“.

Книгата е поддржана од Министерството за култура на РМ, Еуростандард банка, „Осигурување Македонија АД Скопје, Виена иншуренс груп“ и голем број пријатели и поддржувачи на оваа приказна.