Број на текстови објавени денес: 0

Промовирана сликовницата „Мојот прв буквар“ на ромски јазик

pokana8

Промовирана е сликовницата „Мојот прв буквар“ на ромски јазик во издание на Здружението за развој на ромската заедница СУМНАЛ и Владата на Република Македонија.

Сликовницата има за цел на забавен начин со изучување песнички за секоја буква посебно, децата уште од најрана возраст да ја научат ромската абецеда. Воедно, книгата не е наменета само за ромските деца, туку и за нивните другарчиња од другите етнички заедници, како и за наставниците кои имаат потреба за стручна литература. Со оглед на тоа дека учениците можат да посетуваат факултативна настава на ромски јазик, овој буквар е наменет токму за децата кои сакаат да го изучуваат ромскиот јазик.

Автор на книгата е Севдија Демирова Абдулова, рецензенти професор д-р Лена Дамовска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје и д-р Биљана Туџаровска Ќупева, Министерство за култура.

– Горда сум на оваа сликовница бидејќи ромскиот книжевен ковчег од денеска е побогат за едно мало, но многу вредно дело од областа на детската литература. Се додека има креативни интелектуалци, активисти на граѓанскиот сектор чија мисија е создавање на трајни вредности и унапредување на многу области од животот на Ромите, ќе има вакви промоции и ќе се публикуваат дела кои ќе останат во наследство на многу идни генерации кои ќе го дадат својот придонес за севкупното македонско општество кое со сите свои различности е составен дел на нашата заедничка татковина – изјави авторот Севдија Демирова Абдулова.

Сликовницата „Мојот прв буквар “е резултат на имплементирањето на проектот насловен „Книгата е наше богатство“ финансиски поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија. Целта на овој проект е развој на културното наследство на Ромите во Република Македонија преку промовирање на позитивните аспекти на ромската култура и јазик и ќе се влијае кон намалување на предрасудите и стереотипите во однос на ромската етничка заедница.

Здружението за развој на ромската заедница – Сумнал, активно работи од 2004 година и во изминатите 10 години реализираше низа проекти со цел социјална, културна и економска интеграција на Ромите во Македонија.