Број на текстови објавени денес: 86

Програмата на Заев за економски развој ги освои бизнисмените

%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b2-%d1%85%d0%be%d1%9f%d0%b0

Осумдесет отсто од економската платформа на Kомората на Северозападна Македонија се поклопува со она што го предвидува СДСМ во предизборната програма, изјави претседателот на Kомората, Ниби Хоџа, денеска по средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Заев и економскиот тим на СДСМ денеска пред бизнисмените од оваа Комора ги слушна барањата на бизнисмените и го презентираше економскиот дел од изборната програма.

– За останатите 20 отсто ние како Комора ќе направиме приоритети на проблемите за усогласување со новата Влада – рече Хоџа.

Тој посочи дека главните барања на бизнисмените од оваа Комора се транспарентна и отчетна Влада, намалување на нееднаквоста во регионалниот развој, напуштање на митот за евтина работна сила, нови мерки за зголемување на вработеноста, подготвување на економска платформа за одржлив економски развој и сериозен ангажман за зголемување на растот на БДП над 4 отсто. Платформата на СКСЗМ за економски развој вклучува голем број барања кои гарантираат раст, економска стабилност и инвестиции.

Бизнисмените бараат политичките партии да ги стават на прво место реалните проблеми со кои се соочува бизнис заедницата.

Овие приоритети се дел и од изборната програма на СДСМ која денеска Заев и економскиот тим им ја презентираа на бизнисмените. Заев вети дека во првите 100 дена Владата на СДСМ ќе ги објави скриените долгови, кои според проценките се повеќе од 1 милијарда евра и ќе ја презентира динамиката на плаќање.

– Навременото плаќање на долговите кон стопанството е приоритет исто како и повратот на ДДВ. Ако државата биде мудра во однос на плаќањето на долгот ќе добие долгорочен мотор за развој на Македонија – рече Заев.

Неби и Заев се согласни дека е реално да се очекува минималната плата да биде 16.000 денари, а просечната да достигне до 30.000 денари.

– Ние бараме зголемување на минималната плата, но тоа не треба да се направи веднаш туку на бизнисмените им треба време тоа да го реализираат. Просечна плата од 500 евра исто така е остварлива, но и за ова треба време и веруваме дека за четири години бизнисмените ќе можат да го остварат тоа – рече Хоџа.

Во однос на односот на власта кон домашните компании лидерот на СДСМ Заев најави дека тие ќе добијат поддршка и рамноправен третман со странските инвеститори.

– Ќе обезбедиме еднакви можности и пристап на домашните компании во економските зони. За домашните компании обезбедивме и 140 милиони евра за четири години – рече Заев.

Тој најави и тесна соработка со бизнисот за да се обезбеди брз развој на земјата.

Бизнисмените од Комората на Северозападна Македонија, како што рече, Хоџа, го поддржуваат Специјалното јавно обвинителство и очекуваат низ процесите што ќе ги води да излезат пред лицето на правдата компаниите кои се огрешиле со законите.

Стопанската комора на Северозападна Македонија одржа консултативни состаноци со сите партии на кои им ја презентира својата платформа.