Број на текстови објавени денес: 70

Причината за смртта на двеиполгодишното дете од Жировница ќе остане мистерија

elg_9441-copy3

Останува нејасно како можело да се случи, двеипогодишно дете да почине при рутинска операција на водена кила на Клиниката за детски болести. Директорот Ристо Симеонов иако за денеска најави дека ќе презентира пред јавноста извештај што го направила комисија од двајца лекари формирана за овој случај, денеска рече дека не сакал во јавноста да изнесува какви било информации, бидејќи родителите од него така побарале.

На прашање дали е точно дека анестезиологот кој дал дозвола за операција има само една година работно искуство, Симеонов е дециден дека се направени сите потребни иследувања и дека кај детето не постоела ниту најмала причина поради која требало операцијата да се одложи.

– Ова била рутинска операција на кила и ако постоела и најмала контраиндикација, операцијата ќе се одложела, така секогаш се прави така се направило и во овој случај – вели Симеонов.

Тој објаснува дека анестезиологот кој го водел детето кога забележал дека се јавуваат проблеми консултирал поискусен колега од КАРИЛ, кој има 10-годишно искуство на Детска хирургија.

– На родителите ќе им биде доставена целокупната документација за случајот и може да не побараат во секое време – вели Симеонов.

Детето пред операцијата имало покачена температура и црвено грло, за што мајката ги известила лекарите, но тие не сметале дека тоа е причина за одложување на операцијата. Детето веројатно починало од срцева слабост и белодробен едем, но останува нејасно зошто се јавиле овие проблеми. Лекарите им рекле на родителите дека е можно детето да имало и некој проблем со срцето што не бил дијагностициран, во што тие не веруваат.

Следната недела родителите очекуваат да се видат и со хирургот што го оперирал детето, од кого се надеваат дека ќе добијат објаснување за тоа што се случило.

Обдукција на телото не е направена бидејќи родителите не дозволиле.

Детето во болница било примено на 27 минатиот месец, а операцијата е направена следниот ден. Први проблеми се јавиле при будењето на детето од анестезија, поради што не било разбудено во операциска сала туку во одделението за интензивна нега. Околу 18 часот било префрлено на одделение, но ноќта му се влошила здравствента состојба, по што и починало околу 04.30 часот.