Број на текстови објавени денес: 13

Презентација на „Дениција“ во Драмски во Скопје

slika-sergej-andreevski

Во продукција на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз,Франција, во недела во 20 часот, во Драмски театар во Скопје, ќе се одржи светската премиера на драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.

Подготвуван последните две години како поетско-театарски сон што ја пласира „Дениција“ во основата на македонскиот духовен идентитет во европски и светски рамки, нејзината праизведба во Македонија се совпаѓа со десетгодишнината од смртта на акедмик Петре М. Андреевски (1934-2006).

Во овој несекојдневен театарски потфат на режисерот Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика, во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, видео-арт Милчо Узунов, додека уметнички советник е Флориан Габер. Во рамките на претставата користени се и 5 слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.

Интересно е да се одбележи дека претставата е во копродукција со парискиот театар „Ici et la“, со оглед на фактот што поезијата на Петре М. Андреевски е преведена на француски, предвиден е и настап во повеќе европски метрополи.