Број на текстови објавени денес: 86

Пред две години студентите се разбудија и ја стресоа Македонија

studentski-protest

Пред две години на денешен ден, 17 ноември, студентите го одржаа првиот студентски протест организиран од неформалната студентска организација „Студентски пленум“. Студентите беа револтирани затоа што Министерството за образование сакаше да воведе државен испит, односно екстерно тестирање на факултетите.

Неколку илјади студенти пред точно две години се собраа пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и го почнаа маршот под мотото „Заедно против екстерното тестирање на факултетите“.

Студентите носеа транспаренти испишани со зборовите „Екстероното, Титаник на високото образование“, „Активирај се, реализирај се, студентизирај се“, „Јас сум повеќе од бројче“.

Со паролите „Не за екстерно“, „Партии не примаме, само индекс имаме“, „Доста беше молк“, „СПУКМ банда под партиска команда“, студентите од УКИМ се упатија кон Владата и седиштето на Студентскиот парламент и го завршија маршот пред Министерството за образование и наука.

Откако Министерството за образование и наука не сакаше да ги слушне нивните барања, студентите по неполн месец од првиот, се собраа на втор студентски марш, кој беше најмасовен и поддржан не само од студенти туку и од голем број граѓани.

На 10 декември, 10.000 граѓани ги преплавија скопските улици во знак на поддршка за барањата на студентите.

Со паролите „Автономија, автономија“ ,Ние не сме клиенти, ние сме студенти“, „Заокружете нè“, студентите на Владата и на Собранието им порачаа дека „Брзи реформи, слепи студенти раѓаат“.

По масовноста на вториот протест, неколку професори одлучија да формираат „Професорски пленум“.

На 26 декември 2014 г. студентите се собраа на трет голем протест пред зградата на Владата на Република Македонија.

Студентите во февруари 2015 се решија на поинаков вид притисок врз надлежните, па ги блокираа предавањата на факултетите и организираа автономна зона за да го „освојат универзитетот назад“ и да ја вратат неговата автономија. Тие неколку дена спиеја на Филозофскиот и на Машинскиот факултети во Скопје и на Техничкиот факултет во Битола и организираа алтернативни предавања.

По две недели бојкот, студентите ја прекинаа окупацијата на факултетите откако постигнаа договор со МОН и со УКИМ за изработка на нов закон за високо образование. Новиот закон, две години по првиот студентски протест, сè уште не е изработен.

По студентите, незадоволни на улица излегоа и средношколците. Тие одржаа неколку протести против лошите реформи во образованието, кои според средношколците, ги вклучуваа новиот начин на државна матура и екстерното тестирање.

Неколку месеци по првиот студентски протест, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, почна со објавувањето на „бомбите“, односно со презентирањето на прислушуваните разговори.

По „бомбите“ опозицијата два месеци кампуваше пред Владата и организираше низа протести.

Под притисок на меѓународната заедница, лидерите на четирите политички партии седнаа на преговарачка маса и го составија „Договорот од Пржино“, кој неколкупати го „предоговараа“ и на крај успеаја да се договорат предвремените парламентарни избори со кои треба да се стави крај на политичката криза да се одржат на 11 декември годинава.

META