Број на текстови објавени денес: 9

Поранешен соработник на Оланд кандидат за претседател на Франција

francija-makron-kandidat

Поранешниот француски министер за економија и некогашен советник за економија на претседателот на Франција, Франсоа Оланд, Емануел Макрон официјално ја објави својата кандидатура за шеф на француската држава, јави дописникот на МИА од Париз.

– Јас сум кандидат за претседател на Републиката. При претседателските избори идниот мај, ние можеме да избереме да напредуваме. Оваа борба за успех на нашата земја, започнува во мај 2017 година. Еден претседател не е само посветен на својата акција, тој исто така ги носи вредностите на нашата земја, континуитетот на нејзината историја и на скриен начин строгоста и достојноста на јавниот живот. Јас сум подготвен, изјави Макрон.

Некои аналитичари кандидатурата на Макрон ја оценија како „предавство на претседателот Оланд“, кому тој го должи подемот и својата кариера, а од редовите на социјалистите е обвинет дека ја ужива поддршката на медиумите.

Десницата и центарот сметаат дека тој може да им наштети, бидејќи може да привлече дел од нивните избирачи.

Слабоста на Макрон е што тој нема поддршка од политичка партија и за него ќе биде тешко да дојде во 2017 година во Елисејската палата, за која фаворит засега, според испитувањето на јавното мислење, е градоначалникот на Бордо и поранешен премиер Алан Жипе.

Што се однесува до Оланд, никој не верува дека ќе може да добие втор мандат во 2017 година.