Број на текстови објавени денес: 0

Покрај бегалците од Сирија, Бугарин и четворица Срби бараат азил во Македонија

sad-begalci1

Државјанин на соседна Бугарија, земја која е членка на НАТО и ЕУ, како и има четворица државјани на Србија, земја која е на „портите“ од евроатланските институции, побарале азил во Македонија. Петмината баратели на азил се сместени во кампот за азиланти крај скопската приградска населба Визбегово. Засега е тајна причината поради која тие бараат хуманитарен азил во земјава.

Македонските безбедносни власти засега не откриваат дали Комисијата на МВР која одлучува за сите вакви барања, ќе им ги одобри барањата на бегалците од двете соседни земји. Велат дека тоа зависи од целокупниот предмет за секој барател посебно, причините и неговото минато во земјата од каде што доаѓа.

Од пред некој ден, бројот на баратели на азил во Скопје се зголеми на 68. Според степенот на ризик и безбедност на бегалците, тие се поделени во две групи од отворен и затворен карактер. Тие што се сметаат за безбедни се сместени во Визбегово. Таму од пред некој пристигнаа и бегалците од далекуисточните земји кои со месеци беа сместени во камповите „Винојуг“ крај Гевгелија и „Табановце“ крај Куманово.

На 4 овој месец во Скопје се донесени 21, а три дена подоцна уште 12 бегалци. Според националноста, најбројни се тие од Сирија, дури 39. Тринаесет се од Ирак, 8 од Авганистан, двајца се од Пакистан и еден е од Нигерија.

Во вкупната бројка од 68 бегалци се сметаат и 25-те бегалци, најголем број малолетни деца кои се сместени во „Сејв хаус“ во Скопје. Голем број од овие деца биле жртви на трговци со бели робје или пак на друг вид насилство додека бегале од кризните региони во кои живееле.

Од Канцеларијата на народниот правобранител Иџет Мемети се вчудоневидени од, како што велат, нехуманоста на македонските власти кои дозволиле до пред некој ден баратели на азил со месеци да бидат сместени во шатор на „Хабитат“ надвор од безбедниот камп „Винојуг“.

– За среќа, откако реагиравме, сите баратели се донесени во Скопје. Тие што се сместени во Визбегово, после долг период може да се почувствуваат како слободни луѓе. Имаат право слободно да шетаат низ Скопје, само имаат обврска во вечерните часови да се вратат во кампот – велат од канцеларијата на Обудсманот.