Број на текстови објавени денес: 70

Повик до европските земји да се реши проблемот со децата без државјанство

zdruzenie-na-mladi-pravnici-1

Европската Мрежа против бездржавјанство (ENS), која вклучува повеќе од педесет невладини организации од Европа, вклучувајќи го и Македонско здружение на млади правници (МЗМП), денеска ќе предаде петиција до членовите на Европскиот Парламент и до Советот на Европа со ги повикува европските лидери да работат на решавање на проблемот со децата без државјанство.

Петицијата која собра повеќе од 21.000 потписи ја потенцира потребата за заштита на илјадници деца во Европа од злото на бездржавјанството, и таа претставува дел од поголема кампања која во себе вклучува поголем спектар на субјекти кои вршат притисок врз европските земји да го реформираат домашното право кое ги спречува децата да стекнат државјанство. Оваа кампања вклучува настани на домашно ниво во Италија, Полска, Словенија, Франција, Велика Британија, Албанија, Македонија и Србија меѓу другите земји.

Бездржавјанството кај децата останува проблем во Европа и илјадници деца се оставени без државјанство поради правни празнини и неможноста на државите соодветно да ги применат мерките за заштита од оваа состојба. Помалку од половина од европските земји целосно ги имаат применето неопходните мерки за заштита во нивното домашно законодавство се со цел да се исполнат обврските од меѓународните договори за заштита на децата од бездржавјанство.

Истражувањето спроведено од ENS откри дека децата чии родители немаат државјанство ја наследуваат состојбата бездржавјанство. Децата кои се напуштени или децата сирачиња каде државјанството на родителите не е познато исто така може да бидат во ризик, како и децата кои минуваат низ постапката на меѓународно посвојување и оние кои пристигнуваат во Европа како бегалци.

Децата без државјанство имаат ограничен пристап до здравствено осигурување, образование и во текот на животот ќе почувствуваат и други ограничувања.