Број на текстови објавени денес: 0

Плевнелиев утре ќе и врачи мандат за формирање нова влада на ГЕРБ

bugarija-gerb

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, согласно своите уставни надлежности, утре ќе и го врачи мандатот за формирање нова влада на Бугарија на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), соопшти денеска Кабинетот на шефот на бугарската држава.

ГЕРБ, чии лидер е бугарскиот премиер во оставка Бојко Борисов, е најбројна партија во актуелниот состав на Народното собрание ма Бугарија.

Постапката за избор на нова влада на Бугарија следи откако Борисов поднесе оставка на функцијата еден ден по вториот круг од претседателските избори одржан на 13 ноември, на кој независниот кандидат поддржан од најголемата опозициска сила, Бугарската социјалистичка партија (БСП), Румен Радев ја победи Цецка Цачева од ГЕРБ.

Утрешното доделување на мандатот на ГЕРБ се смета како чисто фоормален чин, бидејќи партскиот претставник Цветан Цветанов уште минатата недела најави дека партијата веднаш на Плевнелиев ќе му го врати мандатот за формирање нова влада,

Цветанов, како што јави БТА, истакна дека ГЕРБ очекува и БСП да го стори истото кога Плевнелиев ќе и го довери мандатот за формирање влада, што ќе значи дека другите политички групи во бугарското Собрание нема да можат да обезбедат парламентарно мнозинство.

Во таков случај неизбежно ќе биде распуштање на Собранието и одржување предвремени парламентрани избори во земјата.

Цветанов истакна дека при вакво сценарио, краен рок за спроведување предвремени парламентарни избори би бил 2 април 2017 година, а како можен датум за нивно одржување тој го посочи 20 март.