Број на текстови објавени денес: 0

Партија на партија ѝ е волк

%d1%82%d0%b0%d0%ba%d0%b8

Партиите треба да соработуваат, да дебатираат, да се толерираат во поглед на различните мислења бидејќи тоа може да отвори дебати кои ќе бидат корисни. Тие треба да се натпреваруваат врз основа на идеите и програмите што ги пласираат, а на тој начин граѓаните да можат да оценат на самите избори за кого ќе го дадат гласот,  истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Таки Фити, кој ја отвори националната конференција посветена на 16 Ноември – Денот на толеранцијата. МАНУ со ОБСЕ петти пат заеднички го одбележуваат овој празник.

– Република Македонија поминува низ сериозна политичка криза и една од тие манифестации е овој анимозитет и антагонизам што се јавува меѓу политичките партии, особено меѓу двете доминантни политички партии. За жал, претставниците на едната или другата партија меѓу себе се доживуваат како непомирливи непријатели место да се доживуваат како политички конкуренти – рече Фити.

Тој нагласи дека Македонија е млада, кревка демократија и затоа е многу значајно да се работи на проблематиката на толеранција, да се негува и развива толеранцијата бидејќи таа може голем дел од овие проблеми да ги релативизира.

Според него, историјата не учи дека на овие простори отсекогаш живееле луѓе со различна национална, етничка и религиозна припадност, кои долги периоди живееле во мир, заемно разбирање, соработка, толеранција.

– Секогаш кога сме отстапувале од таквите принципи, кога сме имале изливи на национализам или дискриминација, тие не носеле добро, ниту за оние луѓе кои страдале заради таквите политики, ниту за оние кои ги застапувале тие политики – рече Фити.

Заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Џефри Голдстајн посочи дека државата поминува низ сериозна политичка криза во последните години што, како што рече, резултираше со неостварување напредок во многу области.

– Се надеваме дека со новиот Парламент, меѓу другото, ќе се измени и дополни и Кривичниот законик за појасно да се дефинира говорот на омраза и криминалот од омраза – рече Голдстајн и додаде дека тие ангажирано работат на обука на судии и јавни обвинители, како тие да се справат со криминалот од омраза и со говорот на омраза, додека локалните власти со помош на ОБСЕ извршуваат обука за полицајци на оваа тема.

Академик Владо Камбовски, раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ изјави дека најтешка е ситуацијата кога луѓето зборуваат на еден ист јазик, а не се разбираат.

– А таква ситуација изгледа имаме денес, особено меѓу политичките партии. И треба да се вложат сите напори да се поправи таквата состојба и да имаме отворен дијалог за сите прашања – рече Камбовски.

Според него, меѓу политичките партии постои нетрпеливост.

– Незамисливо е дека која и да е политичка партија мисли дека ќе ја тргне другата, или ќе тргне друга група луѓе кои се здружиле, поединци кои се здружиле во една политичка партија од нивните политички убедувања – рече Камбовски.

Тој нагласи дека мора да се има толеранција и однос кон нив, а не, како што рече, како крвни непријатели кои потоа мора да ги уништиме, туку како конкуренти во една нормална демократска политичка битка, во дијалог кој мора да се одвива низ еден цивилизиран начин, без грубости, насилство, омраза и без газење на човечкото достоинство.

 

Фото: МИА