Број на текстови објавени денес: 46

Партиите земаат залет за првите митинзи

mitingdpmne1

Кампањата за парламентарните избори почнува во понеделник, а партиите полека ги најавуваат првите митинзи. ВМРО-ДПМНЕ традиционално ќе почне од Охрид, СДСМ од Прилеп, ДУИ од Липково, а ДПА се уште не ја открива локацијата за стартот на кампањата.

Од помалите коалиции онаа на ФРОДЕМ и Демократски сојуз најверојатно ќе почнат од скопскиот хотел „Континентал“. Оттаму велат дека побарале овој настан да го организираат во Домот на армијата, Македонска опера и балет, како и во хотелот „Милениум“, но ги одбиле.

Партиите на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов почнуваат од Охрид. За да не се совпаднат во ист град, ВМРО за Македонија почетокот на кампањата го закажа за вторник, на 22 ноември.

Од СДСМ велат дека кампањата ќе им биде стандардна, средби со граѓаните и митинзи, а логото останува „План за Мекедонија“.

Од ДУИ објаснуваат дека промоцијата на кандидатите ќе се случи в недела, на 20 ноември, со конвенција што ќе се одржи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а кампањата ќе ја почнат од вторник, најверојатно од Липково.

Од ДПА не откриваат од каде стартуваат, велат дека во опција се две локации. Мотото на кампањата е „Одиме право“.

– Ќе имаме митинзи, но 90 отсто од активностите ќе бидат насочени кон директни средби со граѓаните – вели Беким Фазлиу од ДПА.

Од ВМРО-ДПМНЕ, објаснуваат дека логото на кампањата ќе го откријат на првиот митинг во Охрид кој ќе се одржи во понеделник.

– Големи митинзи ќе имаме во сите градови, но најголем акцент ставаме на максимално присуство на терен и непосредни контакти со граѓаните – вели Иво Котевски.

Тој повторува дека очекуваат да освојат 63 пратеници, а опозицијата да води црна кампања.

– Но со оглед на тоа што СДСМ и досега немал идеи очекуваме да продолжи со црната кампања, а ние ќе нудиме економски проекти и развој – вели Котевски.

На прашањето кој ќе им ги прави рекламните спотови и билбордите за кампањите, од партиите велат сами, и не ги откриваат продукциските куќи и маркетинг агенциите.