Број на текстови објавени денес: 0

Партиите ветуваат рај, бизнисмените бараат крај на осиромашувањето

%d0%b1%d0%b8%d0%b7%d0%bd%d0%b8%d1%813

Партиите кои очекуваат да ја водат државата во следниот период ќе мора да се зафатат со она што го бараат и на што предупредуваат бизнисмените, ако сакаат да обезбедат повисок економски раст и посветла иднина за земјата.

Бизнисмените бараат да се слушнат нивните проблеми и да се понудат конкретни остварливи решенија. Очекуваат стабилна клима во која ќе можат да остварат висок раст, пазар на трудот и образовен систем кој ќе ги следи нивните потреби, законска регулатива која нема да се менува секој ден, но и редовно плаќање на обврските, соодветна казнена политика, поедноставен пристап до пари и побрза и помала администрација.

– На бизнисот главно му се потребни стабилни услови за работа. Ако ги има ќе обезбеди повисоки стапки на раст, од оние кои до сега ги произведуваше  од 2 до 3 отсто. Тоа ќе обезбеди повеќе вработувања и стабилен пензиски систем. Но потребна е промена на пазарот на трудот за да се надмине хроничниот недостиг на работна сила, посебно во текстилот и во преработувачката индустрија. Тоа ќе се постигне преку реформи во образовниот систем – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Бизнисмените не ги сакаат и честите промени на законите, а се противат и на казнена политика која го осиромашува.

– Кога има потреба за промени на законите тогаш добро е да се прашаат и бизнисмените, за да нема потоа многукратни промени. Казните пак, треба да се одмерат дали се намерно направени или се од непознавење на проблематиката – вели Димитров.

Според него, економската понуда која ги содржи овие и низа други елементи е прифатлива за бизнисот.

Партиите кои ја сакаат власта, додаваат други бизнисмени, ќе треба да се однесуваат поекономично и поразумно да ги трошат парите кои ги земаат од бизнисите. Ги загрижува високиот раст на задолжувањето, бидејќи, како што велат, тоа ќе падне на нивниот грб кога ќе дојде времето за негово отплаќање.

– Инвестициите во инфраструктурата треба да биде на врвот на приоритетите, зашто тие на долг рок ќе овозможат развој на бизнисот. Досега јавните инвестиции се остваруваа едвај половично, а честите ребаланси на буџетите се реализираа на нивна сметка. На таквото однесување треба да му се стави крај – велат тие.

Раководителите на бизнис заедниците неодамна на партиите им ги кажаа своите очекувања. Побараа од партиите мерки кои ќе ја променат моментната состојба на подобро и кои ќе дадат резултати во иднина.

Партиите пак, и пред овие избори ветуваат нови даночни стапки, помош за фирми, кредити за млади, помош за жените претприемачи, повисоки минимални плати…и низа други мерки, со кои очекуваат да го освојат гласот од бизнисот и од работниците.