Број на текстови објавени денес: 50

ПАНЧЕВСКИ ПРИЗНАВА ДЕКА ГО МЕНУВАЛ РАСПОРЕДОТ И ЗА СУДИЈКАТА НА ГРУЕВСКИ, ПОРАДИ МНОГУ РАБОТА

pancevski-sudii-8328732
Татјана Михајлова, судијката што треба да го суди експремиерот Никола Груевски за насилствата во општина Центар и за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, не била случајно распоредена да го добие овој предмет. Непосредно пред да се падне кај неа по електронска распределба, таа, од првичниот распоред на предмети кои се уште се решаваат по стариот Закон за кривична постапка, поради зголемен обем на работа, била прераспоредена за нови предмети што стигнуваат во Основниот суд Скопје 1, кои се судат по новиот Закон за кривична постапка. 
Неофицијално, измената на Годишниот распоред за работа на судиите за 2016 година претседателот Владимир Панчевски ја направил во септември годинава. 
 
Татјана Михајлова беше истражен судија во случајот “Ликвидација“, во кој на 4,5 години затвор беше осуден новинарот Томислав Кежаровски.
 
Претседателот Владимир Панчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Судскиот деловник дозволува во текот на годината, ако се јави потреба од прераспределба на предмети поради зголемен обем на работа и други причини содржани во деловникот, претседателот на судот да носи измени и дополнување на годишниот распоред. 
 
Судите кои кренаа бунт против претседателот на Основниот суд Скопје Владимир Панчевски и кои во Судскиот совет му поднесоа претставка за разрешување, тврдат дека тој, во зависност од истрагите и од обвиненијата што ги најавуваат Специјалното обвинителство, но и обвинителството на Марко Зврлевски, ги преместува судиите од Годишниот распоред за работа во Основниот суд Скопје 1 за 2016 година, зависно од тоа кој обвинет треба да се осуди или да не се осуди.
“Панчевски не само што често го менува распоредот на судии во Основниот суд Скопје 1 и не го прави тоа за еден судија, туку тоа го прави чопоративно, преместува по пет-шест судии во еден зафат, зависно од најавените истраги и обвиненија“, тврдат соговорниците од овој суд.
Тие тврдат дека Панчевски, всушност, на секои два-три месеци го менувал Годишниот распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 и си правел нов. Освен сомневањата дека ги мести предметите кај кои судии да се паднат, тоа, тврдат соговорниците на САКАМДАКАЖАМ.МК предизвикало и нарушување на меѓучовечките односи и чувство на постојан мобинг врз ротираните судии.
Судиите со кои разговаравме тврдат дека вака не прави ниту еден друг претседател на суд во Македонија и ако има таков, го повикуваат Судскиот совет да им посочи пример. Објаснуваат дека Годишниот распоред вообичаено се менува само ако отиде некој судија во пензија, па на негово место се одредува друг судија кој ги презема неговите предмети.
Поранешниот премиер Никола Груевски пред Судот на 10 јуни, кога беше на распит на случајот на СЈО „ТНТ“. (Фото: СДК.МК)

Поранешниот премиер Никола Груевски пред Судот на 10 јуни, кога беше на распит на случајот на СЈО „ТНТ“. (Фото: СДК.МК)

На прашање како токму кај судијките Петровска и Михајлова се паднати предметите против Груевски, Јанакиески и Грујовски, Панчевски одговара: “Предметите се распоредени на судии кои постапуваат во одделението за кривично полнолетни, согласно годишниот распоред за работа“.
Но, на нашата забелешка дека тој распоред направен на 28 јануари годинава е неколку пати менуван до сега, тој вели:  “Нормално дека е менуван годишниот распоред за работата на судиите за 2016 година, во зависност од потребите и обемот на работата и тоа го пишува во него. 30 илјади прекршочни и 20 илјади предмети од извршување на санкциите треба некој да ги сработи. А претседатели на судот не може да бидат сите, иако и претседателот на Судот работи“, вели Панчевски.
 
Судијата Лидија Петровска, од бомбите на опозицијата позната како „сваровски-судијката“ работи само на новите предмети, т.е. предметите по новиот Закон за кривична постапка, додека Татјана Михајлова, која вчера го одложи судењето против екпремиерот Груевски за насилствата во Центар и нарачаните шамари за Жерновски, работи и на заостанатите предмети, по стариот ЗКП.
Како што се гледа од извештајот, ниту едната од нив не е распоредена да помогне кај натрупаните прекршочни и предметите од извршување на санкциите, поради што впрочем морал да се менува годишниот распоред.
На 24 септември, кога овие два предмета со првите две обвиненија поднесени од СЈО паднаа токму кај Михајлова и Петровска, тоа предизвика бурни реакции против Панчевски со сомнежи дека распоредот не е случаен. Тогаш претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека предметите се распределени електронски, а не рачно и со местенки и тој лично се уверил во тоа. 
“Веднаш откако беа распределени предметите и откако се дигна врева во јавноста зошто се паднале кај судиите Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од тука, од мојата канцеларија влегов во АКМИС – системот, кој ми овозможува во секој момент да влезам и да проверам во секој суд како се распределуваат предметите. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош. Овие два предмета се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа“, ни изјави тогаш претседателот на Судскиот совет.
Но, судиите кои се во таборот против Панчевски се скептични. „Тоа со електронската распределба на предметите е само за јавност, но како и за се друго, зависи како ќе се нахрани компјутерот, кои имиња на судии и комбинации ќе му се дадат“, велат судиите со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК, а кои се сомневаат во законитоста на електронската и случајна распределба на предметите кај судиите во Основниот суд Скопје 1.
                                                                                                                             
Соња К. ДЕЛЕВСКА