Број на текстови објавени денес: 62

Панчевски би го прочистил судството од одредени отпадоци

download782

Ова што се случува во судскиот систем е веќе трагично. За овие четири години мислам дека успеав да ги спречам судиите да бидат дуќани, да примаат адвокати и да имаат некакви позадински шеми. Секоја чест на тие што се чесни. Лага од одредени медиуми е дека тоа писмо е напишано од прераспоредени судии. Во одделот за прекршоци има 25.000 предмети. И нив некој треба да ги работи, а не во една година да одлучува за 100 предмети, вели за Плусинфо, Владимир Панчевски, претседателот на скопска единица, која за само пет дена стана позната по немили настани, а најсвеж е вчерашниот кога шефот на одделот за човечки прашања Г.С. имал „дуел“ со П.Б. една од двајцата портпароли на судот, по што била алармирана полицијата која направила и записник.

– Има некој овде кој не сака јас да останам на оваа позиција. Јас и не сум пречка, можам да си заминам, но овде се работи за судството, за интегритетот на Кривичниот суд. Се што се плука кон овој суд е без аргументи, не слушнавме ниту еден аргумент. Јас говорам отворено за сите работи. И син ми да го прашате ќе ви каже дека ова е хајка против судот и дека сака да го присвои и да го натера на послушност. Правдата ќе си ја најде својата вистина, ова дефинитивно ќе биде катарза на судството и ќе се направи едно прочистување во судството и одредени отпадоци кои не знам како стигнале тука, мислам на тие што го прават овој заговор против судот кои и да се. Зад мене има дела, моите пресуди се пишувани во книги. Од тие пресуди ќе учат генерации. Очигледно е дека треба да има чистка во внатрешните редови – вели Панчевски.

Инцидентот во Основниот суд Скопје 1 се случи вчера околу 12.30 часот. Од Судот велат дека раководителот на секторот за човечки ресурси прво вербално ја нападнал портпаролката на судот, а потоа и ја бутнал од столче, за што му е поднесена кривична пријава.

На инцидентот му претходела нервозна и крајно тензична дискусија која била во насока на жестоки напади од вработените кон претседателот на судот Владимир Панчевски.

Во таква атмосфера, вработена во судот на висок тон побарала да не се напаѓа и клевети Панчевски, на што еден вработен превртел биро и се втурнал кон вработената која го бранела Панчевски. Секретарката на Панчевски повикала полиција.

Според полициски извори, инцидентот се случил пред канцеларијата на Панчевски. Вработената која трвди дека и биле упатувани закани и која го бранела Панчевски е од секторот за односи со јавност, а другиот вклучен во инцидентот работел во секторот за човечки ресурси.

Полицискиот записник од денешниот инцидент ќе биде испратен до Јавното обвинителство кое понатаму ќе треба да реши дали ќе биде поведена постапка.

Од Основниот суд потврдуваат дека имало кавга меѓу вработени во судот, но децидни се дека инцидентот не е поврзан со претседателот на судот Владимир Панчевски. Од судот отфрлаат какви било шпекулации дека имало превртување на бироа и кршење на инвентар, како и дека во настанот бил инволвиран претседателот на судот.

– Вработен, раководител на одделот за човечки ресурси Г.С. со физички напад ја загрозил сигурноста на еден од портпаролите П.К. во присуство на судија од одделот за претходна постапка С.Ј., така што вработениот Г.С. најпрвин вербално и се заканил на П.К. загрозувајќи и ја сигурноста со упатени закани по животот и телото, по што со примена на физичка сила ја турнал од столчето и ја напуштил просторијата. Нападнатата веднаш телефонски го пријавила настанот во МВР при што интервенирала полицијата и случајот е документиран и преземен од инспекторите за насилен криминал при МВР, а против напаѓачот од страна на нападнатата поднесена е кривична пријава по член 144 ст. 3 „Загрозување на сигурноста“, која понатаму треба да се процесуира од надлежните органи. Во врска со настанот и од страна на судската управа ќе бидат преземени соодветни мерки – објаснија вчера од Судот.