Број на текстови објавени денес: 70

Офицерот Радев ги преплаши Бугарите од НАТО и од Турција

radev

Изборот на екс-генералот Румен Радев за нов претседател на Бугарија води кон нова нестабилност на фрагилната граница меѓу Турција и Европа, која е во криза. И тоа не поради тоа што тој е пријателски настроен кон Русија, туку затоа што земјата во наредните месеци практично останува без влада. Проблемот е во тоа што на кормилото на земјата доаѓа неискусен, националистички ориентиран претседател, кој досега остави блед впечаток и слика на политичка беспомошност, анализира Дојче Веле.

Малцинската влада на премиерот Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ е дел од Европската народна партија, денеска даде оставка, затоа што нејзиниот кандидат Цецка Цачева беше убедливо поразена од кандидатот на Социјалистичката партија, Румен Радев. Борисов со своите закани дека ќе поднесе оставка всушност сакаше да ги мобилизира избирачите на ГЕРБ, но не можеше да ја компензира непопуларноста и безидејноста на Цачева. Сега падна во сопствената стапица и мора да ја спроведе заканата.

Радев, како и повеќето бугарски офицери, е силен националист, кој очигледно ги негува традиционалните бугарски предрасуди кон НАТО-партнерот и големиот сосед – Турција. Кон тоа треба да се додаде и фактот дека бугарското население во моментов е на работ на масовна хистерија по прашањето на опасноста од бегалците од Турција.