Број на текстови објавени денес: 0

Осудената во „Фиком“ штрајкува со глад во затворот

fikom1

Осудената во случајот „Фиком“, Весна Николиќ, трет ден штрајкува со глад во затворот „Идризово“ и ја одбива лекарската помош која и ја дава затворот, пишува 24 Вести.

Во телефонски разговор за 24 вести, Николиќ објаснува дека главната причина за тоа е што не и дозволиле да работи во фирма, можност што им се дава на некои од затворениците пред истекот на казната.

Николиќ веќе десет години ја издржува казната затвор. И остануваат уште помалку од две години, иако се обидела да добие можност за скратување на казната, не успеала. Николиќ најавува дека ќе бара нејзиниот случај да го превземе СЈО.

Од затворот Идризово пак велат:

„Лицето за кое прашувате ја добивало потребната хемотерапија, дневните оброци ја следуваат исто како и сите други затвореници, а во делот за нејзини активности во фирма потребно е ова прашање да го упатите до управата за извршување санкции. Ова не е во наша надлежност.“

Од управата за извршување санкции појаснуваат:

„Работењето во фирма е можност, а не право на работа кое им се дава на лицата кои се пред крај на истекот на казната. Во врска со конкретниот случај Весна Николиќ сама изјави дека сака да се лечи наместо да работи, а првично беше одбиена поради нејзината здравствена состојба. Николиќ го добива потребниот третман и ја прима нејзината терапија а има и посета од лекар.“

Весна Николиќ која е осудена во случајот Фиком е сопруга на Никола Николиќ кој минатата година во март беше пронајден обесен во затворот во Штип. Брачниот пар беше осуден во мега аферата за продажба на станови. Зградите на Фиком се градеа во Кисела Вода, градбата таму се уште сведочи за огромната афера. Граѓаните кои ги изгубија парите сеуште не добиеле оштета.