Број на текстови објавени денес: 0

Острени: Не се повикувајте на ОНА, нудете изборни програми! (ВИДЕО)

25110golema

По обидите за инволвирање на Ослободителната народна армија – ОНА во актуелната предизборна кампања, за освојување на поени кај етнички-албанскиот електорат, реагираа нејзини поранешни лидери, со барање – организацијата која е распуштена во 2001, да не се злоупотребува за партиски цели.

 

– Ослободителната народна армија – ОНА (УЧК), беше патриотска организација, и таа се распушти во септември 2001 година. Мислам дека никој не треба да се повикува на ОНА, затоа што тие што учествуваат на избори, треба да се повикуваат на своите изборни програми. Емоциите, и на некој начин влијанието, посебно кај граѓаните – Албанци, ќе ѝ наштетат на ОНА, затоа што таа си ја заврши својата мисија, и сега, партиите треба да кажат кои се причините за неостварувањето на задачите и целите на ОНА, кои се изразени во Охридскиот договор и во измените на Уставот – изјави за ЦИВИЛ Медиа Гзим Острени, лидер на партијата „Унитети“, која на изборите настапува како дел од коалицијата „Алијанса на Албанците“, поранешен генерал на ОНА и поранешен генерален секретар на ДУИ.

По неуспешниот обид на носителот на листата на ДУИ во Првата изборна единица Артан Груби, од говорница да иницира скандирање за ОНА, аналитичарот Рамадан Рамадани, за ЦИВИЛ Медиа, изјави: „Прво, пораката требаше да се испрати до структурите кои владеат со Али Ахмети, а тоа е – ВМРО-ДПМНЕ, со цел да работат на теми како што се – федерализација, двојазичност, за да ја избегнат најголемата тема за следните избори, а тоа е – криминалот и узурпацијата на државата. Второ, тоа беше фрапирачки чин на човек кој е на погрешно место во погрешно време. Трето е степенот на неодобрување и исвиркување, кои доаѓаат за еден човек кој очигледно, не припаѓа таму“.