Број на текстови објавени денес: 13

Општините „се вадат“ на немање услови за вработување на инвалидизираните

naslovna107

СКУП-Македонија доби информација од 34 од вкупно од 85 македонски општини на прашањето дали и колку инвалидизирани лица имаат. Речиси најголем дел од одговорите од поголемите локални заедници се дека во последните пет години немаат вработено лица со телесен или интелектуален хендикеп. На централно ниво, поголем дел од министерствата молчат, додека Генералниот секретаријат на Владата нè препрати до Агенцијата за вработување, а од таму повторно молк.

Пред околу две децении, 40-годишниот Зоран Јовановски од Струмица останал траен инвалид заради повреди здобиени во несреќен случај. Од тогаш тој морал да се приспособува на новиот начин на живот, при што, наместо нозете, за движење користи инвалидска количка. Од тој трагичен момент ги искусил сите премрежја во животот. Во неговиот алманах на битки се слики од такси комапнијата што морал да ја затвори, па останал без работа и егзистенција, до бројните спортски игри на кои учествувал.

Во спортот освоил значителни резултати – прво место во трка со инвалидска количка, фрлање на диск, ѓуле и копје, трето место во стрелање со воздушна пушка, прво место во пинг – понг. На меѓународен натпревар на параплегија и квадриплегија во Србија освоил трето место во дисциплина фрлање диск и копје.

Јовановски сега е еден од членовите од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Струмица. Неговата сторија е слична со повеќето од ментално способните, но физички хендипираните, што се со различен општествен статус, а сакаат да бидат еднакви.

Со скромна инвалидска пензија, Јовановски вели дека ниту една досегашна Влада не застанала зад оваа ранлива категорија за да им го олеснат животот.

“Сега живеам во неизвесност дали ќе ми ја продолжат пензијата бидејќи во решението кое го добив пишува – недоволен инвалидитет за остварување на инвалидска пензија“, кажа Јовановски.

 

БЕЗ ЕВИДЕНЦИЈА И СТРАТЕГИЈА

 

Македонија нема прецизна евиденција за нивниот број, ниту регистар за специјализирана берза за работоспособни инвалиди со целосна или ограничена деловна способност.

Нема ни посебна стратегија за креирање еднакви можности за вработување на лица со посебни потреби. Тие може да се препознаат во поглавја на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020. Лицата со попреченост не се експлицитно издвоени како посебна целна група во овој документ.

„Многу малверзации има при вработувањето во јавните институции. Јас сум вистински пример за тоа. Ги освоив сите поени на тестирањето, ме прашаа дали сум вработен, дали ќе се навикнам на работа. Потоа заборавија на мене. Владата вработува други што и не се за тие работни места“, раскажува член на невладината организација „Светот на дланка“, кој не сакаше да му се обелодени името.

Една анализа на поднесените преставки до Комисијата за антидискриминација во 2013 покажува дека 45 насто од жалбите се однесуваат на злоупотреби при остварувањето на правото на вработување или прием по распишан оглас.

Во неодамнешниот проект за вработување на 300 лица со хендикеп, Владата го задолжила Јавното претпријатие „Македниски шуми“ да ги распореди овие лица по институциите. Според податоците, 200 од нив веќе се вработени, додека уште 100 се на листата за вработување.

Томислав Ортаковски од здружението „Полио Плус“ вели дека одредени јавни институции вработуваат лица со хендикеп, но погoлем дел не. Без кохерентен пристап, смета тој, тешко е да се очекува соодветна застапеност на лицата со хендикеп во секоја институција.

Освен 300-те вработувања на лица со хендикеп во државната и јавната администрација од пред некоја година, Ортаковски вели дека државата нема преземено директни чекори за зголемување на бројот на вработени лица со хендикеп во администрацијата.

„Но, значајно е да се напомене иронијата дека лицата со хендикеп се застапени повеќе во администрацијата отколку во отворениот пазар на труд, не вклучувајќи ги заштитните компании“, вели Ортаковски од „Полио Плус“.
ДИСКРИМИНИРАНИ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ
“Немаме вработено лица со попреченост” – ова беше идентичниот одговор на повеќе институции на национално и локално ниво, кои сепак одговорија на прашањето на СКУП-Македонија – дали и колку во периодот од 2011-2016 година се вработени лица со хендикеп и на кои работни позиции се ангажирани.

Неколку институции не испратија никаков одговор. Генералниот секретаријат на Владата, пак, за одговор на прашањето нè препрати до Агенцијата за вработување. Помина еден месец, а од таму молк.

И покрај испратените барања по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите министерства, само неколку од нив ни одговорија.

Во ресорите Економија и Надворешни работи одгoворот беше краток – немаат ниту еден вработено лице со попреченост. Министерство за обраозвание и наука има едно лице на работно место помлад соработник, кое е превземено од ЈП „Македонски шуми“. Во Министерство за земјоделство, шумарство и водостапанство одговорија дека кај нив се две лица со телесен инвалидитет – еден вработен на работно место помлад референт за административни работи во Свети Николе, додека другиот е во Секторот за техничка поддршка.

Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека лица со попреченост се вработуваат, но дека не можат сите да ги вработат.

„Во нашето министерство работат 12 лица, како помошно-технички персонал и уште едно лице со телесен инвалидитет кое вработено преку Јавен оглас“, велат од кабинетот на министерката Фросина Ременски.

Локалните заедници се посебна приказна во сумарумот што е направено за социјално-продуктивна инклузија на лицата со хендикеп.

„Во наведениот период немаме вработено лица со телесна или интелектуална попреченост“, е одговорот од Град Скопје.

СКУП-Македонија доби информација од 34 од вкупно од 85 македонски општини во законски предвидениот рок за одговор според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Речиси најголем дел од одговорите од поголемите локални заедници се дека во последните пет години немаат вработено лица со телесен или интелектуален хендикеп.

Центар, Карпош, Битола, Охрид, Струга, Куманово, Дебар, Берово, Виница, Вевчани, Арачаново, Пробиштип, Шуто Оризари немат вработено ниту едно лице со попреченост.

Вработени со телесна и интелектуална попреченост не се евидентирани ниту во општините Кочани, Градско, Босилово, Студеничани.

На прашањето зошто не воделе сметка за ова ранлива категорија при вработувањето, добивме речиси унифициран одговор: ”За тоа е потребно да се обезбедат услови, од адаптација на простор, обезбедување на опрема прилагодена за нив, но и дополнителни финансиски средства”.

 

Душко Горгиев, претседател на Изршен одбор на Здружение Нефрон

НЕМА РЕШЕНИЕ НИТУ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА
Во Република Македонија има околу 1300 пациенти на дијализа, а повеќе од 200 лица со трансплантиран бубрег. Најголем дел од лицата со бубрежна инсуфициенција поради природата на болеста, потребата од редовни хемодијализни третмани (3 пати неделно во центар за дијализа по 4-5 часа) и компликациите кои со болеста следат најчесто се пензионираат како инвалидски пензионери доколку исполнуваат основен услов – постигнат работен стаж. Помладите пациенти ако се вработени и се разболуваат, се поттикнуваат и трудат да се одржат како работоспособно население, дури и со скратено работно време согласно законските регулативи. Сепак се работи за многу мал број на пациенти на дијализа кои се вработени воопшто, или пак во државните институции.

Во Република Македонија посебно за оваа категорија на граѓани нема поволности за вработување во институциите, ниту посебни програми, а сметаме дека тоа е неопходно особено пак за лицата со трансплантиран бубрег кои се соочуваат со големи неправди и потешкотии за остварување на правото на вработување. Потребно е многу повеќе да се направи за да се постигне инклузија во општеството на сите лица со било каков вид различност. Во последно време од здруженијата и организациите се повеќе се работи на одбележување на такви денови и повикување и апелирање за внимание на општеството што веројатно покажува дека тоа е потребно. Дел од нив успеваат да постигнат резултати, но мислам дека најчесто се тоа некои резултати од краток рок, и дека институциите и нашето општество воопшто не е подготвено да ги прифати и благовремено решава настанатите ситуации, туку дека се оставаат проблемите да се равлекуваат и решаваат на долг рок. Ова не се однесува на обезбедување на дијализните третмани како неопходна медицинска процедура за болните со ХББ, затоа што тука мора и треба да се интервенира итно, но понатамошното снаоѓање на пациенот во општеството , секој е оставен сам на себе и на поедни здруженија и организации кои се залагаат за различни категории на граѓани.
Но има и општини што со систематизацијата предвиделе и вработиле лица со инвалидитет. Кисела Вода има двајца вработени, од кои едно лице е од групата слепи и слабовидни и еден е со ментална заостанатост и пречки во говорот. Чаир има три лица , од кои двајца се со решение, а еден преку Агенција за вработување. Богданци има едно лице со хендикеп, кое е вработено со спогодба за преземање од ЈП „Македонски шуми. Гази Баба – анагажирани две лица на работно место Соработник за инвестиции и соработник за проектен менаџмент и аналитика. Ѓорче Петров има вработено едно лице со хендикеп. Гевгелија, исто така, има едно лице во Одделението за стручно-административни и општи работи со звање помлад референт за контакт со граѓамите. Маврово-Ростуше вработило едно лице со попреченост, исто колку и Теарце и Центар Жупа. Гостивар има вработено тројца, од кои две лица со попреченост се со Договор на неопределено време.

 

МАЛВЕРЗАЦИИ СО „ЗАШТИТНИТЕ КОМПАНИИ“
Во јуни 2000 година донесен е Закон за вработување на инвалидни лица. Врз основа на овој Закон, министерот за труд и социјална политика донесе посебен Правилник со кој, во рамките на Заводот за вработување, се формира и Посебен фонд за вработување на лица со хендикеп. Со овој Фонд се обезбедуваат значителни финансиски средства за вработување на овие лица со хендикеп/попреченост. Но, Посебниот фонд не е самостоен во одлучувањето како што се Фондот за здравство и Фондот за ПИОМ.

„За распределба на средствата од Фондот одлучува самата Агенција за вработување на неколку седници во годината. Ова креира голем застој во распределбата на средствата“, вели Ортаковски од Полио Плус.

Според него, согласно постоечкиот закон е креиран паралелен пазар на труд за вработување на лицата со хендикеп – заштитните компании.
„Овие друштва примаат огромни бенефиции од државата за да вработуваат лица со хендикеп (само одреден процент од вкупно вработените во компанијата). А од друга страна, овие компании се профитни компании, што значи дека нивните сопственици слободно располагаат со целокупниот профит, вклучувајќи ги огромните финансиски бенефиции овозможени преку овој Закон“, вели Ортаковски.

Како резултат на ова, тој смета дека на лицата со хендикеп вработени на овој начин многу често им се кажува да седат дома и секој месец да враќаат процент од платата на својот „газда“.

„На овој начин државата придонесува кон креирање, одржување и зајакнување на нелојална конкуренција во сферите во кои заштитните друштва функционираат“, вели Ортаковски, и додава: „исто како и кај „специјалното образование“, ваквиот начин на вработување во „заштитни друштва“ претставува сегрегација на лицата со хендикеп“.

 

НЕМА ОЛЕСНУВАЊА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ЛИЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМ
Александар Матовски Цако е младо момче кој на 21 март Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром имаше свое обрааќње во Обединетите нации. Тој секоја втора недела има авторска радио емисија во која става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и на лицата со попреченост во целина. „Државата прави програми за вработување и самовработување, но тоа се само пропагандни пораки . Во реалноста и не е баш така како што го покажуваат. Со луѓето кои се со ограничени способности ситуацијата е уште полоша. На пазарот овие луѓе мораат рамноправно да конкурираат со луѓето со типичен развој, без никакви олеснувања за нив. Јас мислам дека и тука се врши дискриминација. Немам конкурирано никаде за работа, бидејќи се уште сум студент. Но имам проекти во невладиниот сектор“, ни изјави Александар Матовски-Цако.
МНОГУ НАПОР, МАЛ НАПРЕДОК
Ребека Јанковска Ристеска е претседател на Здружението „Дајте ни крилја“, која се бори за правата на лицата со попреченост. Самата помисла дека лицата со посебни потреби се на последно место во многу сегменти, ја прави Ребека да се чувствува мизерно и очајно.

Иако се бори на разни начини да ја подобри ситуацијата, вели дека кај нас нештата многу бавно се менуваат.

„Во последниве 6 години толку многу се зборуваше на темава, толку многу анкети, интервјуа, дебати и сл., а толку малку работи се променија“, вели таа, не криејќи ја разочараноста од односот на општеството и институциите кон оваа категорија.

Исклучок, според Ребека, е ставањето на лековите за ретки болести на позитивна листа. Но додава дека и овде се појавија некои сериозни проблеми околу количината и редовната набавка на истите.

Вели дека процесот на инклузија во училиштата започна, но без конструктивни решенија. „Пристапност има, но ни оддалеку не е доволно. Посебниот додаток е очаен, а не сакам ни да коментирам за асистивните технологии, ортопедски помагала и состојбата на лицата со хендикеп кои немаат старатели или родители“, посочува Ребека Јанковска Ристеска.

Иако невидливи за институциите, лицата со попреченост не се откажуваат од барањето за малку повеќе внимание. Нашиот јунак од почетокот на сторијата, Зоран Јовановски, за довидување само тивко се самозапраша – како да одвојам една пензија за две нови гуми од инвалидската количка?

“Ниту парите се доволни, ниту без количка се патува низ макадамот на животот”!

 

„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.