Број на текстови објавени денес: 70

ОПЕК се согласи со намалување на производството на нафта

nafta-opek

Членките на Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК) првпат по осум години постигнаа договор за намалување на производството на енергенсот, со цел да се потикне раст на цената на „црното злато“ на светските берзи.

По средбата на земјите производители на нафта во Виена, претседателот на ОПЕК, Мохамед Бин Салах ал Сада синоќа соопшти дека било договорено дневното нафтено производство да се намали за 1,2 милиони барели, почнувајќи од јануари идната година.

Ваквото решение на Картелот доаѓа по двегодишната ниска цена на нафтата, која беше речиси двојно поевтина во споредба со 2014 година.

Според Сада, земјите членки на ОПЕК сега очекуваат намалување на производството и од страна на оние држави кои не се дел од картелот, за најмалку 600 илјади барели дневно.

Тој не спомена на кои земји мисли, но се претпоставува дека станува збор за порака до Русија, која соопшти дека е подготвена да го намали дневното производство за 300 илјади барели од нејзината дневна продукција од 10 милиони.

– Спогодбата е резултат на чувството за одговорност кај членките на ОПЕК, но и кај оние што не се дел од организацијата, за општото добро на светската економија, рече Сада.

Соопштението на ОПЕК предизвика брза реакција на светските берзи, па цената на северноморската нафта „брент“ скокна за десет отсто и достигна цена од 51,94 долари за барел, додека американската „лесна“ нафта поскапе за девет отсто на 49,53 долари за барел.

Во септември годинава, земјите од ОПЕК начелно се договорија за намалување на дневното производство за 700 илјади барели, но од овој договор беше исклучен Иран, кој побара да му се дозволи раст на производствто.

Оваа одлука на ОПЕК остана нереализирана поради несогласувањата меѓу Саудиска Арабија, која е најголем производител на нафта и Иран.

ОПЕК е формирана во 1960 година и во неа сега членуваат 13 држави – Алжир, Ангола, Еквадор, Габон, Иран, Ирак, Кувајт, Либија, Нигерија, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Венецуела.

Надвор од ОПЕК се неколку големи земји произвдители на нафта, меѓу кои се Русија, САД и Казахстан.