Број на текстови објавени денес: 62

Омбудсманот бара средношколците да не одлучуваат само за екскурзија и за славење матура

protesten_marsh_3_srednoshkolci_19mar15-plusinfo1

Македонските средношколци формално, а не суштински и квалитетно учествуваат во донесувањето одлуки во нивните училишта кои се однесуваат на прашања од воспитно-образовниот процес што ги засегаат, е заклучокот во Посебниот извештај за состојбата со почитувањето и остварувањето на правото на учество на детето во донесување одлуки во средните училишта во Република Македонија, кој денеска го презентираше Народниот правобранител на Република Македонија.

Истражувањето покажало дека учеството на учениците во донесувањето одлуки не е унифицирано т.е. подеднакво во сите средни училишта и дека во 61 средно училиште учеството на децата е уредено со некаков интерен акт на училиштето, а во 42 нема форма на организираност за учеството на децата во донесувањето одлуки.

– Затоа, во нашите препораки до Министерството за образование и наука, препорачавме измени на Законот за средното образование, каде ќе му се даде посебна, правна форма на правото на учество на децата и правото на ученичко здружување, каде претставниците на учениците квалитетно ќе може да ги застапуваат правата на децата, да ги изразат нивните ставови и интереси, и тоа не само за небитни прашања, како што се дадени во одговорите во прашалниците – за екскурзии или за одлучување каде ќе ги прават матурските вечери итн., туку за многу посуштински прашања поврзани со образовниот процес, чии последици учениците самите најдобро ги гледаа – истакна Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител.

Анализата на прашалниците добиени од 103 средни училишта во Македонија ја потврдиле констатацијата дека не е законски уредено прашањето на учество на децата во донесувањето одлуки.