Број на текстови објавени денес: 0

Објавена е „Публицистичката и раскажувачката проза на Коста Шахов“

publicistick-i-rask-proza-na-k-shahov_-predna-korica

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна излезе од печат книгата „Публицистичката и раскажувачката проза на Коста Шахов“ од Силвана Костадинова Спасова.

Коста Шахов e еден од основоположниците на македонското новинарство – и како основач и издавач на десетина македонски весници кои излегувале во Бугарија кон крајот на XIX век, но и како уредник и новинар. Тој зад себе оставил значаен публицистички, но не помалку значаен и книжевен опус. Оваа студија ја проучува токму публицистичката и литературната, односно раскажувачката проза на Коста Шахов.

Книгата не го одредува само неговото место во македонското новинарство, туку и во македонската литература. Оваа книга на Спасова претставува прва обемна и детална студија која го обработува раскажувачкиот опус на Шахов, и претставува верзија на докторската тема на авторката, изработена под менторство на проф. д-р Науме Радически. Литературно дело на Коста Шахов ја опфаќа неговата раскажу­вач­ка проза – расказите. Таа е еден значаен сегмент од раскажу­вачката проза не само на авторите што твореле во доцниот девет­наесетти век, туку и на целата македонска литература.

Како доследен реалист, не нарушувајќи го започнатиот континуитет на македонските реалисти во деветнаесеттиот век, Шахов во раска­зите во целост опфаќа теми од народниот живот на Македонците. Неговите дела потврдуваат истакнат македонски деец, револуционер, публицист и писател, од крајот на XIX и од почетокот на XX век. Тој е прв претседател на Младата македонска книжoвна дружина. Роден во Охрид (14. IV 1862), рано го напуштил својот роден град и заминал за Софија, каде што и дипломирал на тамошниот правен факултет. Шахов во Бугарија се вклучил во движењето на маке­дон­ските интелектуалци кои се бореле за афирмација на маке­донската национална посебност.

Се развива во еден од духовните двигатели на македонското национално чувство, деец кој успеал да го наметне своето влијание и да се афирмира во процесот на националното освестување кај македонската емиграција во Буга­ри­ја во последните децении на XIX како и во почетната деценија од XX век. Не само што бил првиот претседател на Младата маке­донска книжовна дружина (1891-1892), од редовите на многу­бројната македонска емиграција, туку учествувал во испол­нувањето и во редактирањето на списанието „Лоза“ (1892-1894). Токму поради овој печатен орган, сите негови учесници и заста­пувачи на идеите на македонското националното движење беа именувани како лозари.