Број на текстови објавени денес: 62

Нудел три мечки за стан

cirkus-1

Инспекцијата ги одземала трите мечки, кои сопственикот на циркусот „Корона“ пред дваесетина дена се обидел да ги замени за стан. Инспекторите изјавиле дека животните биле држени во неприкладни услови. На нивните тела имало видливи повреди, а имале и нарушување во однесувањето поради држење во заробеништво. Инспекторите, со асистенција на полицијата, одземале две црни и една хибридна мечка, кои настанале со вкрстување на црна и поларна мечка. Полицијата долго време трагала по сопственикот на овие животни, кои биле држени во нехумани услови и за нив не водел адекватна грижа. За тоа сведочи и фактот што на една од мечките и недостига половина јазик.

Но, сопственикот и не се криел премногу. Пред само три недели тој објавил оглас: „Продавам три мечки, јагуар, мајмун и лама. Менувам за разно, може и недвижност околу Нови Сад“.

„За циркусот и држењето на дивите и опасни животни имам документи. Секој купувач може да дојде и лично да ги види. Прво сакам да го запознаам купувачот и да видам во какви услови ќе живее животното“, изјавил тогаш сопственикот Милан. Иако, како што рекол, не му е сеедно каде ќе завршат неговите животни, сопственикот на циркусот не го интересирало дали купувачот има соодветна дозвола.
Жителите на Србобран честопати се жалеле до надлежните, плашејќи се за својата безбедност. Полицијата долго се обидувала да го најде Милан, а сега против него ќе се покрене и постапка. Одземањето и згрижувањето на мечките, заштитени со Конвенцијата за меѓународен промет со загрозени видови, е направено според сите важечки прописи, а бил ангажиран и тим од стручњаци, односно, ветеринар и зоолог од Зоолошката градина во Белград, каде што сега се сместени мечките.

Но, инспекторите се уште трагаат по јагуарот и макаки мајмунот, кои, исто така биле држени во несоодветни услови. Овие животни, сопственикот успеал, пред инспекцискиот надзор, да ги смести на непозната локација.