Број на текстови објавени денес: 86

Николовски: Не работел софтверот за директни плаќања за субвенции

img_3166

Во изминатиов период покажавме и потврдивме со низа документи дека злоупотреби во МЗШВ има речиси во секој сегмент. Денес обелоденуваме уште еден скандал од оваа министерство. Случај што директно е поврзан со изборните манипулации, селективната исплата на субвенции и нашата законска улога и обврска – тоа да биде спречено. Да тргнеме по ред. Согласно член 48 од Законот за земјоделство и рурален развој спроведувањето на мерките за директни плаќања (односно субвенциите за земјоделците) може да се врши преку интегриран систем за администрација и контрола, изјави денеска дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

– Во декември 2011 година МЗШВ потпишува Договор за изработка токму на тој систем со странски компании (ИСАК). Според договорот од стотици страни, системот чини 778.000,00 евра, платен од МЗШВ, а даден на користење на Платежната агенција. Еве го договорот.

Преку овој скапо платен систем треба да се обезбедува администрација и контрола на средствата од директните плаќања односно субвенции, средствата за рурален развој и средствата од ИПАРД и да овозможи усогласено функционирање и непречена размена на податоци со другите институции. Во 2012 година е донесен Правилник за начинот и функционирањето на овој систем според кој е регулирано дека заради правилно функционирање и размена на податоците МЗШВ треба да склучи меморандум со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ заради користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација.

Но, што констатира конечниот ревизорски извештај на ДЗР за периодот 2014 година. Ова е тој извештај. Прво, дека на ревизијата не и се презентирани склучени договори/меморандуми за соработка на МЗШВ со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ. Дека овие состојби не се во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и влијаат на правилното функционриање на системот.

Второ, ревизорот констататирал дека поради нефункционалноста во софтверот за директни плаќања изборот на примерок за контрола се прави со помош на ексел апликација и со користење на само два критериуми. Трето, ревизорот констатира одобрување на неавторизирани налози за исплата кои ги нема во прегледот на донесени решенија за одобрување на исплата.

Затоа прашуваме зошто не биле потпишани договори за соработка меѓу институциите за користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација? Дали токму нефункционалноста на овој систем за кој се платени 778.000 евра средства од  граѓаните за да се овозможи администрација и контрола на исплаќање на субвенциите на земјоделците, е токму причината за селективниот и клиентелистички пристап во распределба на субвенциите?

Зошто ова се случува во период кога имавме локални, претседателски и парламентарни избори? Земјоделците имаат  право да ја знаат вистината. Во нивно име и со нивни пари се правени големи злоупотреби. Бескомпромисно и без калкулации работиме и ќе продолжиме да работиме во интерес на земјоделците и граѓаните. И ќе спречиме било каква злоупотреба во пресрет на следните избори. Тоа е наша законска обврска, должност и цел – нагласи Николовски.