Број на текстови објавени денес: 12

На малолетниците кои претепаа врсник им е забрането да излегуваат од дома

Obvinitelstvo palata P Piruze Majski(24)

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две 14-годишни деца, кои на 6 ноември во еден часот по полноќ, на ул. Битпазарска, во близина на кафе барот „Стоп“ по настаната вербална расправија тешко телесно го повредиле 18-годишниот К.С., соопшти ОЈО.

„Децата со умисла го нападнале оштетениот, го удирале со тупаници во пределот на главата и градниот кош, од кои удари оштетеното лице паднало на земја, здобивајќи тешка телесна повреда изразена во вид на контузии на главата со повреди на мозокот, крвавење и со наполнети бели дробови со течност. Од настанатите повреди животот му е доведен во опасност“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Барање за поведување на подготвителна постапка против децата во судир со законот од 14 до 16 години до Судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 Скопје поради постоење на основано сомнение дека сториле дејствие што со закон е предвидено како кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Извршено е испитување на сторителите од страна на судија за деца, издадени се Наредби за вештачење на траги пронајдени и фиксирани на местото на настанот и одземени се предмети кои можат да придонесат во натамошната постапка.

Јавниот обвинител поради сериозноста на стореното кривично дело, достави до судот Предлог за определување на мерката притвор за децата во судир со законот. Судот, решавајќи по предлогот, не го прифати, но изрече мерки на претпазливост и тоа, одземање на патните исправи на двете деца и обврска да не го напуштат местото на живеење.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје интензивно ќе продолжи со преземање дејствија во насока на расветлување на настанот.