Број на текстови објавени денес: 0

Над нуклеарката во Чернобил поставен нов заштитен објект

download-5152

Нов заштитен објект е поставен денеска над стариот саркофаг, со кој беше покриен четвртиот реактор на нуклеарната централа „Ленин“ во украинскиот град Чернобил, кој екслодира во 1986 година.

На церемонијата во централата присуствуваа високи украински државни раководители, меѓу кои и претседателот Петро Порошенко, како и претставници на конструкторските компании кои се вклучени во проектот и на земјите донатори, јави ТАСС.

Овој сигурносен штит над оштетениот реактор на нуклеарната електрана во Чернобил е колосален проект, завршен со средства кои беа донирани од меѓународната заедница.

Се очекува тој да ја гарантира безбедноста на објектот во наредните 100 години.

– Церемонијата го бележи клучниот момент од меѓународниот проек за преобразба на местото на хаваријата од 1986 година, наведоа во соопштение француските компании „Буиг“ и „Венси“, кои го конструираа објектот.

Куполата претставува метална конструкција тешка 25.000 тони, висока 108 метри и долга 162 метри.

Според креаторите, се предвидува таа најмалку 100 години да го штити местото од пропуштање на радиоактивни материи, како и да биде заштита за веќе постоечкиот саркофаг.

Освен тоа, куполата има специјална конструкција, со која ќе се олеснат идните операции за демонтирање на стариот советски саркограф над четвртиот реактор, како и за преработката на радиоактивниот отпад.

Откако ќе биде целосно комплетирана на местото, куполата ќе стане функционална кон крајот на 2017 година, штом ќе биде извршено тестирањето на потребната опрема.

Според Европска банка за обнова и развој, за поставување на сводестата конструкција се издвоени 1,5 милијарди евра, но целата програма за заштита на објетот се проценува на 2,1 милијарди евра.

Штом ќе стане функционална, што се очекува да се случи идниот ноември, новиот заштитен штит ќе обезбеди услови да се започне си демонтирање на самиот енергески блок..

На 26 април 1986 во 01:23:40 часот по локално време во нуклеарната централа во Чернобил дојде до експлозија, која потоа предизвика серија од неколку експлозии и пожари кои создале радиоактивен облак во атмосферата што се рашири над широк географски регион. Радиоактивниот облак беше 30 со 40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима по нападот со атомска бомба.

Облакот во текот на следните денови се прошири над западниот дел на поранешниот СССР, делови од централна и северна Европа, па дури и до источниот брег на Северна Америка.

Големи површини од Украина, Русија и Белорусија беа сериозно контаминирани, што предизвика евакуација на над 336.000 луѓе од погодените подрачја. Според официјалните податоци, околу 60 отсто од создадениот радиоактивен материјал завршил во Белорусија.

Несреќата предизвикала голем број жртви на радијацијата, како и огромни трошоци на погодените земји за деконтаминација и здравствена заштита.

Поради високото ниво на радијација, околу нуклеарната централа е воведена забранета зона со површина од околу 2.600 километри квадратни, во која и до денес не е дозволен пристап на населението.

Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени.

Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење.

За бројот на жртви од катастрофата се спори и денес.