Број на текстови објавени денес: 0

МТВ падна на лакмус-тестот за Диме Спасов

nvo-logo-fb-250x250_smushed

Случајот на заменик-министерот Диме Спасов претставува лакмус-тест за новинарството во МРТ1 и на директен и недвосмислен начин ги покажа слабостите и недостатоците на исклучиво регистрирачкото, трансмисиско, формално неутрално и балансирано известување без каков било дополнителен новинарски ангажман, се наведува во мониторингот информативната програма на МРТ1 (Дневник 2) кој го спроведе НВО Инфоцентарот.

„Отсуствуваа реакции, толкувања, анализи, ставови и мислења на експерти, граѓански активисти, а новинарите на јавниот сервис, во првите два дена, пропуштија да ги постават, но и да се обидат да ги добијат одговорите на клучните прашања во врска со овој случај од јавен интерес – што навистина се случувало на 28 октомври, зошто Спасов користел службено возило по работното време, дали бил во алкохолизирана состојба, зошто избегал од полицијата која го застанала, зошто дозволил друго лице лажно да се пријави дека возело наместо него, зошто се менуваат изјави во полицијата и др. Новинарите не се и не смеат да бидат само обични пренесувачи на ставови и мислења“, се наведува во првиот извештај ги содржи наодите од мониторингот на известувањето на јавниот радиодифузен сервис во рамки на централната информативна програма Дневник 2, на првиот програмски канал – МРТ1, во периодот од 17 до 30 октомври.

Инфоцентрарот во рамки на својата програма за набљудување и анализа на медиумите во периодот октомври 2016 – февруари 2017 година, ќе спроведува мониторинг на информативната програма на јавниот радиодифузен сервис.

Во првиот извештај се констатира дека во централната информативна емисија Дневник 2 на МРТ1, во периодот од 17 до 30 октомври, преовладува инклузивниот, неутрален и балансиран тон на информирање. Прилозите се најчесто трансмисија на официјални ставови и реакции. МРТ1 ги следи клучните општествени збиднувања со посебен акцент на политичките настани и процеси (пред сѐ, изборите и СЈО).

„Многу ретко се застапени изјави и ставови на стручни лица. Во ситуации кога се бараат изјави на експерти, новинарите им се обраќаат главно на „дежурните“ експерти (кои се најчесто на линија на власта) и притоа не прават дополнителен напор да обезбедат мислења на други стручни лица кои не се толку често застапени во јавноста, но кои можат да понудат компетентни и различни аспекти, гледишта и ставови“, се наведува во мониторингот.
Забележано е интензивното присуство на државните функционери во централните вести на МРТ1, што покажува дека институциите и функционерите се оние кои ја наметнуваат дневната агенда на настани, односно имаат целосна иницијатива и, практично, клучно место во оформување на дневните актуелности и програмската рамка на информативните програми на МТВ1.

Во врска со зазстапеноста на граѓанските активисти, во извештајот од мониторингот е нотирано:
– Иако вестите за граѓанските активности ретко се застапени во најавната шпица на централните вести на јавниот сервис, сепак, нивното присуство и видливост бележат позитивен исчекор. Континуираното известување за граѓанското општество, во Дневник 2 на МРТ1, укажува на изменет плански уредувачки приод кој отстапува повеќе простор за теми и проблеми иницирани од граѓаните.