Број на текстови објавени денес: 0

Митревски и по смената раководи со ССМ

%d0%bc%d0%b8%d1%82%d1%80%d0%b5%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b82

Иако официјално сменет, Живко Митревски се уште дава наредби во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Денеска не му дозволи на в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски да одржи прес-конференција во синдикалните простории, па тој ја одржа пред зградата. Новиот претседател на ССМ, пак, очекува Централниот регистар да дејствува според законите и деновиве да го регистрира она што е волја на гранковите синдикати и е поткрепено со решение од Министерството за труд и социјална политика за смената на Митревски.

– Срамота за работниците и синдикатите е ова што го прави. Не дозволува да одржиме прес-конференција, иако уредно е закажана, но тој треба да биде заклучен и да го чува обезбедување – изјави в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Тој инфромира дека смената на Митревски на 13-ти овој месец била едногласна од членовите на 11 синдикати во Советот на ССМ, а решението што го донесе Министерството за труд и социјална политика е законско.

Тој го повика Централниот регистар да ги почитува законските определби и решението донесено од Министерството за труд и социјална политика и да ја регистрира промената.

Лазар Георгиевски, претседавач со Советот на ССМ, даде неколку информации за текот на седницата на Советот на ССМ на која е сменет Митревски.

– Живко Митревски три години работи против Статутот и документите на ССМ. Не ги почитува ниту мислењата на членовите на Советот и носи самостојни одлуки, за кои никој не знае што содржат бидејќи и ги нема на увид. Неговата смена е според Статутот на ССМ и е легитимна – рече Герогиевски.

Синдикатите укажаа дека чашата на нелегитимното и самоиницијативно дејствување на Митревски е прелиена во моментот кога самоиницијативно и без знаење на гранковите синдикатит и одлука на Советот на ССМ потпишал предизборен договор со ВМРО-ДПМНЕ.

– И за ова клучно прашање не ги консултира гранковите синдикати кои се костурот на ССМ и без чија согласност тој не смееше да потпишува еден таков документ. Но, тоа е само последниот момент на негово нестатутарно дејствување – рече Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Тој додаде дека она што Митревски го прикажува како поддршка од меѓународните синдикати е само манипулација, бидејќи, како што рече, претседател на ССМ бираат синдикатите.

– Тврдењето на Митревски е приказна за мали деца. Единствено членовите на синдикатите го бираат претседателот. Однадвор никој не може да бидра претседател, туку само даваат поддршка на активностите на синдикатите. Да нема забуна ќе ги известиме меѓународните синдикални организации во кои членуваме за извршената смена – рече Грујовски.

Синдикалците кои добија тужби од Митревски, велат дека чекаат да видат што ќе преземе тој натаму, но по реакцијата на Централниот регистар, ќе мора да го напушти ССМ..

Митревски пак смената од лидерската позиција не ја признава бидејќи, како што неодамна изјави, таа била незаконски направена, и најави тужби против министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски и против пет членови на ССМ.