Број на текстови објавени денес: 70

Митревски им наложи предизборен мораториум на синдикатите

sojuz na sindikatite na makedonija ssm 
SSM

Претседателот на ССМ, Живко Митревски, ги стави во мирување активностите на синдикатите до завршување на изборите. Со писмо испратено до гранковите синдикати, на крајот на октомври Митревски им наложува на членовите на органите на ССМ и гранковите синдикати да не одржуваат никакви седници и да не организираат никакви активности и иницијативи до завршување на изборите. Намерата на Митревски, како што пишува во писмото, е да се дистанцираат синдикатите од политичките превирања, а она што го бараат синдикатите, тврди тој, веќе е испорачано за новата влада.

„Во име на ССМ ве информирам дека во контекст на претстојните парламентарни избори, органите и телата на ССМ (ИО, Претседателството на ССМ и Советот на ССМ) согласно програмските определби ја утврдија својата принципиелна позиција да ја промовираат својата непартиска, недржавна, автономна позиција, без да се вклучуваат во никакви политички процеси, преговарања или агитирање“, пишува во писмото Митревски.

Во писмото Митревски, исто така, им се заканува на непослушните  членови на органите на ССМ дека ќе ги санкционира, па дури и ќе ги гони кривично.

Дел од синдикатите пак тврдат дека Митревски на овој начин ги парализирал синдикатите во период кога можат да ги натераат партиите да понудат законски решенија кои ќе бидат во прилог на работниците. Ваквото однесување на претседателот на ССМ и донесувањето на ваква одлука на органите на ССМ, според нив, е нестатутарно.

– Прво се сомневам дека ваква одлука донеле органите на Сојузот на синдикатите, бидејќи ако е така таа е спротивна на Статутот и значи директно мешање во ставовите на гранските синдикати. Но, за Живко Митревски е одлика да носи нестатутарни одлуки. И покрај се не се согласувам со ставот синдикатите да мируваат два месеца пред изборите, зашто синдикатите не се партии и не водат политика туку се борат за правата на работниците, а одлагањето на некои одлуки што треба да се донесат може да значат и целосно парализирање на синдикатите. Ние не комуницираме со партиите туку со работодавачите. Ова е период на политички превирања кој треба да го искористиме да ги наметнеме нашите барања и да оставиме партиите самите да понудат решенија кои ќе ја подобрат сегашната состојба – вели претседателот на синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Грујовски подвелкува и дека како грански синдикат ќе се сретне со сите партии кои ќе покажат интерес.

– Тоа не значи дека ќе барам членството да се определи за некоја опција туку секој член поединечно си одлучува како ќе гласа – вели тој.

И претседателот на Синдикатот за индустрија, рударство и енрегетика (СИЕР), Пеце Ристовски, не се согласува ССМ да мирува со своите активности до изборите.

– Според ова што го напишал претседателот на ССМ, Митревски раководството на синдикатите и членството, треба да си земат одмор, да си ги засукаат ракавите и да агитираат за некоја партија. Шега настрана ова е нелогично однесување на ССМ, бидејќи не треба да се пропушти овој период за да се побараат поголеми права за работниците и да се подобрат понудите на партиите. Тоа не значи да се приклониме кон некоја партија, како што тоа го правеше најмалку во два наврати досега Митревски – вели Ристовски.

Од УПОЗ и СИЕР, кои имаат и најбројно членство, денеска писмено му одговорија на Митревски на дописот со кој тој бара од нив да не се ангажираат и да не поведуваат иницијативи.

Во писмото УПОЗ му забележува на Митревски дека донел непромислена одлука.

„Свесно или несвесно сакате да го маргинализирате влијанието на ССМ и синдикатите врз политичките процеси, во еден исклучително сложен период за државата, граѓаните и пред се работниците кои треба да ги застапуваме и претставуваме. Со вака донесените одлуки, Вие направивте своевиден пуч во ССМ, кој само е продолжение на раздорот кој Вие со вашето „владеење“ го предизвикавте во ССМ, а кое е поддржано од само два-три синдикати.  Затоа Ве информираме дека Синдикатот на УПОЗ во наредниот период, до одржување на парламентарните избори ќе комуницира со сите политички партии и од нив ќе бара исполнување на барањата за заштита на работниците и нивните права кои Синдикатот на УПОЗ постојано ги истакнува во изминативе години. Очигледно е дека или имате погрешно сфаќање за тоа што е и што претставува Синдикатот или пак така лично ви одговара. Во времетраењето на Вашиот мандат не памтиме еднаш јавно да сте искритикувале било каква одлука на работодавачите во врска со трудовото законодавство, да го изговорите зборот штрајк и сл. Претседателот на ССМ не смее да биде портпарол на работодавачите и не смее во име на грански синдикат да изјавува дека донесените закони или одредби ќе бидат во корист на работниците кога за тоа не е ниту овластен, ниту запознаен со ставовите на гранските синдикати. Социјалниот дијалог секогаш треба да постои помеѓу синдикатите и работодавачите, но Вие дијалогот го пренесовте на сосема друго ниво, па наместо социјален дијалог во моментов имаме монолог, сервилност и послушност на ССМ“, се наведува во писмото.

Дел од синдикатите наведуваат и дека за храброста на претседателот на ССМ Митревски доволно говори и тоа што писмото со кое бара мораториум на активностите на синдикатите не е своерачно потпишано.