Број на текстови објавени денес: 18

Мисовски: Груевски, подалеку рацете од гласачките кутии!

%d0%bc%d0%b8%d1%81%d0%be2

Потпретседателот на НСДП и кандидат за пратеник во четвртата изборна единица, Горан Мисовски, во рамки на коалицискиот караван деновиве оставрува средби со граѓаните од тиквешкиот регион.

На средбите со лозарите од Демир Капија, Неготино и Кавадарци, Мисовски ја истакна потребата од решавањето на проблемот со откупот на грозјето, проблем со кои лозарите од овој регион се соочуваат секоја година.

– Секоја година бербата на грозјето е проблем за лозарите од Тиквешијата. Ветените, а неисплатени субвенции, несигурниот откуп, производството на винското грозје го направи вистински кошмар за жителите на овој регион. Наместо сигурен пласман, односот на власта осигура само скапување на грoзјето на нивите. И она што ќе се откупи е неизвесно дали и кога ќе биде исплатено. Но ова ќе се промени по 11 декември, Тиквешијата му го врти грбот на Груевски, а лозарите навреме ќе ги добиваат субвенциите, пласманот и наплатата на грозјето ќе бидат минато – порача Мисовски.

Во понеделникот, во своето обраќање пред присутните на митингот во Неготино, Мисовски упати порака до Груевски да ги држи рацете подалеку од гласачките кутии.

– Никола, граѓаните го креваат својот глас против твојата власт, немој ниту да помислиш повторно своите лепливи раце да ги ставаш на гласачките кутии. Народот е охрабрен и на 11 декември ќе ја одреди твојата политичка судбина, заминуваш во историјата – рече Мисовски во Неготино.

На локалната власт во Неготино и порача да се држи понастрана од криминалните шеми на ВМРО-ДПМНЕ за спроведување на изборни нерегуларности.

– Повеќе нема толеранција за изборните кражби, притисоците и уцените. На локалните „шерифи“ на Груевски да им биде јасно, дека доколку го повторат сето она од претходните изборни циклуси кривично ќе одговараат – рече Мисовски пред неготинчани.