Број на текстови објавени денес: 18

Министерство за култура: Одлуката против забраната на ЗАМП е законска

ministerstvo-za-kultura-1

Министерството за култура вели дека постапува исклучиво врз основа на своите надлежности утврдени со Законот за авторското право и сродните права, како одговор на реакцијата на ЗАМП за одлуката да се прекине забраната за емитување македонска музика.

„Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика е донесено во јасна и дефинирана постапка и истото решение е целосно законски основано. Правната неоснованост на овој акт, може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП. Напоменуваме дека постапувањето, односно непостапувањето на ЗАМП по донесен акт од надлежен државен орган, односно од Министерството за култура е негов избор и негова законска одговорност“, велат од Министерството.

Од Министерството за култура велат како досега така и во иднина согласно ќе работи во интерес на македонските автори, а ЗАМП бил должен и законски обврзан да го стори истото.

„Денешните наводи кои ЗАПМ ги изнесе во јавноста се груби лаги, невистини и паушалности проследени со целосно непознавање на законските прописи од областа на авторското право, па во таа смисла спротивно на тврдењата на ЗАМП во кои беше посочено дека Министерството за култура, Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика не го доставило до надлежниот суд, потврдуваме дека истиот ден на доставување на решението до ЗАМП, паралелно поведена е и постапка пред надлежниот суд за оценка на законитоста на актот“, реагира Министерството.