Број на текстови објавени денес: 62

Милетиќ се покаја за грешката

index6

Драгиша Милетиќ, лидерот на Српската напредна странка за Македонија, се охрабри и тргна да се бори против режимот. Милетиќ ни се придружи без да бара било што, било каква позиција или пратеничко место. Тој бара фер шанса да се покае за грешката зашто увидел дека режимот мора да го срушиме за да имаме нормална земја. Ни се приклучи без услов, рече лидерот на СДСМ, запрашан за одлуката да коалицира со Драгиша Милетиќ.

Заев рече дека Конгресот на партијата и Централниот одбор му дале одврзани раце да склучи договор со сите кои сакаат да им се придружат во големата коалиција.

– СДСM влегува во коалиција со граѓаните. Правото на коментар на одредени наши луѓе или поединци е право во оваа наша дебата која е отворена. Различноста е нешто здраво за ова наше општество. Правото на дебата е квалитет на СДСМ, на граѓаните со сите свои различности од нашата коалиција и тоа е здраво за државата – рече Заев.

Во однос на пратеничките листи рече дека правниот совет интензивно работел на обезбедување на судските уверенија за неосудуваност, а комплетноста на листите ќе биде завршена до вечер со сите потребни документи.

За изјавата дадена за неделникот „Фокус“ во која вели дека одредени сведоци кои му ги дале снимките избегале во странство, тој појасни:

– Заканите во земјава не се нешто ново. Не навлегувам во детали, но го осудувам заканувањето врз било кого. Ние во 1991 одлучивме да живееме слободно. Нашите ставови се јасни, за формирањето на СЈО одобрија четворицата лидери во Пржино и пратениците и не смее никој да им се меша во нивната работа.

Во врска со кандидатите за пратеници кои се најдоа на листата на опозицијата, Заев рече дека тоа се најдобрите и најперспективните листи и дека е горд што партијата отстапила места за независни експерти.

– Не сакам да го критикувам нашиот конкурент, бидејќи со завршување на проектот Вистината за Македонија и предавањето на материјалите прекинав со посветеност кон нашиот противник. Ние сме посветени на позитивна кампања. Сите шпекулации кои ги слушаме денес се движат во правец дека врхушката ветува насекаде дека повеќе нема да биде составен дел од власта, ама било важно тие да победат. Знаете, ние сите вршиме некаква задача за земјава. Враќањето во нормала и поразот на режимот е прво, а второ е што тие ќе бидат во опозиција и ќе им помогнеме да се реформираат како партија – додаде Заев.