Број на текстови објавени денес: 86

Меланија Трамп: Од преамбициозна Југословенка до прва дама на Америка ФОТО

melania-trump-wedding-0

Наследничката на Мишел Обама во Белата куќа на тој успех може да му заблагодари на една случајна средба во 1987 во Љубљана. Меланија до денеска сите ја знаеја како сопруга на американскиот милијардер Доналд Трамп. Од денеска, таа е првата дама на Америка. Нејзиниот пат од Словенија до Белата куќа бил повеќе од возбудлив.

Родена е во 1970 година во словенечниот град Севница кој во тоа време бил текстилен центар во бивша Југославија. Нејзиниот татко се занимавал со продажба на автомобили, а мајка ѝ со моден дизајн. Меланија Кнаус, како што порано се презивала, на 17 години почнала да се занимава со манекенство.

– Одев на модна ревија во Љубљана и ја видов пред зградата. Веројатно чекала другарка. Ја забележав, бидејќи беше висока и тенка. Ѝ пријдов и ѝ предложив пробно фотографирање – раскажал за „Ројтерс“ словенечкиот фотограф Стане Јерко.

Резултат биле црно-белите фотографии на Меланија, кои ја покренале нејзината манекенска кариера, а којашто ја одвеле до Милано и Њујорк, каде што на една забава во 1998 година го сретнала Доналд Трамп, пишува хрватски „Јутарњи“.

Иако нејзината приказна, сепак, не била буквалнмо пат од трња до ѕвездите, животот што го водела како сопруга на американскиот милиjардер е далеку од нејзините скромни корени во Словенија.

Две години ѝ биле потребни за да стане членка на модна агенција во Милано. Паралелно со манекенската кариера, која од Милано се проширила и на Париз, Меланија студирала дизајн и архитектура на Универзитетот во Љубљана.

Битна година во нејзиниот живот била кога во 1996 година се преселила во Њујорк. Њујорк ѝ го донел познанството со Трамп. Судбинската средба се случила во 1998 година. Меланија во тоа време била и дел од менаџментот „Моделите на Трамп“.

Бившата манекенка во едно интервју отворено зборувала за својот татко, словенечки бизнисмен и навела дека многу ја потсетува на нејзиниот сопруг.

„Двајцата се многу паметни и многу способни. Пораснале во сосема поинакви средини, но имаат исти вредности, иста традиција. И јас сум многу слична на својот сопруг. Дали разбирате што сакам да кажам? Како и мојот татко, Доналд е семеен човек, ја почитува традицијата и напорно работи.“

Како го завела Доналд

Сепак, наведените сличности не ги споиле Доналд и Меланија кога се запознале на забавата во Њујорк на Модната недела во 1998 година. Всушност, упорното додворување на Доналд ја покренало ситуацијата, иако на забавата дошол со друга девојка и ја испратил во бањата, за да може да остане неколку минути насамо со Меланија. Меѓутоа, Меланија знаела доволно, за да не му го даде својот телефонски број, бидејќи тогаш би била само уште една жена на која ѝ се јавил. Тоа, исто така, бил тест, за да види дали ќе ѝ го даде својот службен или личен број на телефон. Доналд поминал на тестот и ѝ ги дал сите свои броеви, но таа, сепак, чекала една недела за да му се јави.

– Имавме прекрасна врска, прекрасна хемија, но не бев воодушевена. Можеби тој тоа го забележа – навела Меланија.

Од средбата до официјализирањето на врската поминале шест години и Доналд рекол: „Ние никогаш не сме се скарале, заборавивме што значи зборот кавга. Многу сме компатибилни, чекориме еден покрај друг.“ Се свршиле во 2004 година, наредната се венчале во Палм Бич.

Хајди Клум, Сајмон Кауел, Хилари и Бил Клинтон биле меѓу гостите на свадбата. Меланија носела венчаница на Џон Галијано, вредна 200.000 долари. Поради огромната количина на тантела и бисери, фустанот ѝ бил претежок.

– Биди свежа и јади и пиј што повеќе, за да не се онесвестиш – ѝ порачала стилистиката на Меланија.

На свадбената торта имало 3.000 рози. Медиумите „вриштеле“ за оваа венчавка. По 133 години на страните на „Вог“ се појавила една невеста. Погодувате, тоа била Меланија. Бајката продолжила. Една година по венчавката Меланија и Доналд го добиле синот Барон Вилијам Трамп, кого мајка му го нарекува мини Доналд. Веста за раѓањето на синот ја соопштил лично Доналд.

– Сите се одлично – порачал Трамп во телефонското интервју за мрежата „Ем-си-ен-би-си“, 20 минути по породувањето на сопругата. Синот го знае мајчиниот јазик и обожава да носи костуми. Неговиот детски стил е строго деловен.

– Нашиот брак се промени кога го добивме Барон, бидејќи тогаш приоритетите ни се променија. Но, тоа не значи дека помалку се сакаме и почитуваме – рекла Меланија за магазинот „Хело“. Во интервјуто додала дека синот ќе го научи колку, покрај сите привилегии коишто ги ужива, во животот е важна работата.

Семејството Трамп живее на релација Њујорк – Плам Бич

Нивниот пентхаус во Њујорк, со поглед на Централ парк и Менкетн, е покриен со мермер и 24-каратно злато. Ентериерот го осмислил Анџело Донги, а идејата била реплика на стилот на Луј IV.

Меланија има свој бизнис, дизајнерка е на накит. Почнала во 2010 година, а потоа работата ја проширила и на козметичките линии. Ознаката „сопруга на Доналд Трамп“ е тука, но титулата „дизајнерка“ никако да ја добие.

– Можеби поради тоа што е толку убава, ние не очекувавме да биде толку паметна – рекла тв-водителката Барбара Волтерс за впечатокот којшто Меланија го оставила на нејзината екипа.

„Ако Доналд бил проблематичен во младоста, тогаш Меланија била комплетна спротивност – резервирана, умерена и добра“, пишува „Си-ен-ен“.

И покрај бројните скандали на Доналд Трамп, Меланија безрезервно го брани и поддржува сопругот.
– Многу обвиненија против него се лажни. Многу се точни, и јас самат велам дека грешел. И пак е на константна мета на медиумите. Тој е помалку сиров, знаете. Грдите зборови што ги користи се детски жаргон. Но, кога малку подобро ќе го запознаете, тој е неверојатен џентлмен, полн со поддршка за саканите луѓе. Приказната за тоа дека ги понижува жените паѓа во вода кога ќе ги погледнете неговите компании во кои на бројни влијателни позиции се токму жените. Тој ги поддржува да ги следат своите соништа и да тежнеат кон највисоките позиции. Му верувам – рекла Меланија за „Си-ен-ен“

Ја краси одличен стил, некој би рекол дека и не е тешко тоа се постигне со ограмни пари на располагање. Меланија знае тие пари добро да ги искористи. Кога не го придружува сопругот, дизајнира накит и се занимава со добротворна работа, а посебно е активна околу фондациајта за истражување на ракот на дојка.

За кандидатурата на сопругот за претседател на Америка, Меланија минатата година изјавила за „Њујорк тајмс“: „Ќе бидам многу традиционална, како што биле Бети Форд и Џеки Кенеди, ќе го поддржувам сопругот.“