Број на текстови објавени денес: 0

МВР НА Р.М Б ИЛТЕН НА НАСТАНИ ВО Р.М. ЗА ДЕН 16.11.2016

zgrada-na-MVR-2

На 15.11.2016 година во 15.00 часот во ЕИК Скопје полициски службеник од ПС ОН-Ѓорче Петров пријавил дека околу 11.00 часот во Скопје на ул. „Тиранска“ им била загрозена сигурноста. Пријавителот со уште двајца полициски службеници извршувале службени работи по претходна поплака од страна на Ј.Р. и во тој момент дошол нејзиниот свекор Т.Р. (79) и започнал да ги навредува со погрдни зборови, а кон пријавителот упатил сериозни закани по животот. Кога Т.С. дошол во полициска станица продолжил со заканите по животот на полицискиот службеник. Се преземаат мерки за документирање на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок против сторителот.

На 15.11.2016 година во 14.45 часот во ПС Тетово, А.И. (37) од Тетово пријавил дека истиот ден околу 13.00 часот му била загрозена сигурноста од лицето С.Н. од Тетово. Додека А.И. седел заедно со внук му А.А. во угостителски објект во близина на Тетовскиот Универзитет, дошол Г.Р., инаку негов роднина, и го повикал да излезе надвор од објектот, бидејќи таму го чекал С.Н. Пријавителот излегол од објектот и во ПМВ „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски ознаки го забележал С.Н. заедно со лицето Ј.К. Притоа, С.Н. започнал вербална расправија со А.И. по што извадил пиштол, го репетирал и го вперил кон него. Лицето Ј.К. се вознемирила и почнала да вика, а С.Н. го стартувал возилото и заминал. За настанот е известен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за пронаоѓање на С.Н. и за целосно расчистување на случајот.

На 15.11.2016 година околу 12.00 часот во с.Челопек, тетовско, во семејниот дом С.П. со својата сопруга извршиле семејно насилство над неговите родители И.П. и Р.П. на начин што физички ги нападнале. На истите им била укажана лекарска помош во Клинички центар Тетово. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 15.11.2016 година во 15.35 часот во ЕИК Скопје, И.О., вработен во маркетот „Супер Тинекс“, пријавил дека во 15.30 часот во Скопје на бул.„Партизански Одреди“ , додека носел ситни пари да ги депонира во банка, непознато машко лице со закана со пиштол му одзело околу 30.000 денари, по што избегало. По преземени мерки од страна на полициски службеници и од извршениот разговор со И.О., истиот признал дека парите ги потрошил во спортска обложувалница.

На 15.11.2016 година во 09.15 часот во Штип на ул.„Личка“, во куќа сопственост на Ѓ.С. (63), од засега непознати причини избувнал пожар при што целосно изгорел вториот кат од куќата. Од страна на територијалната противпожарна единица Штип пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема. Увид на местото извршила екипа од СВР Штип.

На 15.11.2016 година околу 15.50 часот во с.Лакавица, штипско, во куќата на П.Ѓ. (64), од засега непознати причини, избувнал пожар при што целосно изгорела соба со покуќнината. Од страна на територијалната противпожарна единица Штип пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Штип.

На 15.11.2016 година во 18.08 часот ЕИК Скопје, од Одделот за обезбедување на Амбасадата на Р.Грција, е известено дека непознати лица фрлиле две канти со боја на влезната врата на Амбасадата лоцирана на ул. „Борка Талевски“. Местото на настанот било фотографирано и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 15.11.2016 во 17.50 часот во Скопје, при изведување на работи на лифт во катната гаража „Солунски Конгрес“, М. В. (57) од Скопје, во обид да го одглави лифтот за автомобили, кој бил заглавен на осмиот кат, се лизнал и паднал. Истиот од страна на Итна медицинска помош бил пренесен на КАРИЛ, каде му биле констатирани тешки телесни повреди опасни по животот. На 16.11.2016 година во 01.15 часот М.В. починал. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.

На 15.11.2016 година во 07.25 часот во Битола, на крстосницата од ул. „Прилепска“ и бул. „1-ви Мај“, се случила сообраќајна незгода во која ПМВ „Шкода Румстер“ со битолски регистарски ознаки, управувано од В.Р. (65) од Битола, удрило во пешакот Л.О. (61) од Битола. По незгодата на Л.О. и била укажана лекарска помош во Клиничка болница Битола, каде и биле констатирани тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите истата е препратена во Клинички центар Скопје на клиниката за неурохирургија. Извршен е увид на местото на настанот.

На 15.11.2016 година околу 18.30 часот во Прилеп, на ул. „11-ти Октомври“, К.Т. (19) од Прилеп, управувајќи ПМВ „Пежо Партнер“ со прилепски регистарски ознаки, удрил во четиринаесетгодишен малолетник по што со возилото побегнал од местото на настанот. По кратко време истиот бил пронајден. Во незгодата четиринаесетгодишникот се здобил со тешка телесна повреда. Извршен е увид на местото на настанот.

На 15.11.2016 година околу 16.20 часот на магистралниот пат Штип– Радовиш, кај м.в „директорска кривина“, поради случена сообраќајна незгода, сообраќајот бил во прекин од 16.20 до 17.55 часот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.Е. (41) од Р.Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 14.11.2016 година во 18.00 часот на ГП „Јажинце“ од страна на полициски службеници била извршена контрола на патничко возило „Фолксваген Пасат“ управувано од пријавениот при што е утврдено дека по механички пат бил променет идентификациониот број на возилото, односно дека е извршено фалсификување исправа.

НК КР Македонски Брод поднесе кривична пријава против Е.Т. (38) и С.Т. (46), двајцата од с.Пласница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шума“. На 19.10.2016 година во атарот на с.Дворци, општина Пласница, на м.в. „Мали врв“, пријавените противправно исекле 11,25 метри кубни огревни дрва (без да поседуваат соодветна документација) , со што предизвикале штета од 78.750 денари на ЈП „Македонски шуми“.

СВР Штип поднесе кривична пријава против В.Т.(22) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Пријавениот во текот на месец декември 2015 година неовластено набавил неодредна количина на опојна дрога марихуана, ја однел во својот дом во Штип каде ја препакувал во помали количини и во два наврати (во декември 2015 година и март 2016 година) на двајца турски државјани со привремен престој во Штип им продал три полиетиленски кесиња со опојна дрога марихуана со тежина од 2,88 грама за сума од 2000 денари. На 17.03.2016 година, при претрес во домот на пријавениот пронајдени и одземени биле две семки и една пластична саксија во која биле засадени седум млади растенија канабис.