Број на текстови објавени денес: 0

МВР НА Р.М ,БИЛТЕН НА НАСТАНИ ЗА ДЕН 13.11.2016 ГОДИНА

zgrada-na-MVR-2

12.11.2016 година во 20.00 часот во ПС Велес петнаесетгодишно девојче, заедно со нејзиниот татко, пријавило дека истиот ден околу 17.00 часот на ул.„Трајко Митев“ во Велес додека стоела на улицата, Б.Ј. (28) од Велес со рака ја удрил по задниот дел на телото и со брзање влегол во дворот од својата куќа. Од страна на полициски службеници од ПС Велес Б.Ј. не бил пронајден дома, но во 20.30 часот се јавил бројот 192 и бил повикан да дојде во полициската станица. Во разговорот истиот го потврдил пријавеното, но изјавил дека мислел дека таму стои неговата свршеница и дека неа ја удрил. За настанот е запознаен Јавен обвинител. Против Б.Ј. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 13.11.2016 година околу 00.15 часот во Скопје на ул. „Анри Барбис“ во населба Маџари се слушнала силна детонација од експлозивна направа од која биле оштетени прозорци од куќата сопственост на Д.С.(56) било оштетено и едно ПМВ „Хјундаи Атос“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.Т. (21). Во експлозијата нема повредени лица. За настанот бил известен Одделот за антитероризам, кој вршел увид до 03.20 часот. Било утврдено дека станува збор за рачна бомба, но се уште не е познато од кој вид. Од местото на настанот бил подигнат предметен материјал кој е доставен на вештачење. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување и документирање на случајот.

На 12.11.2016 година во 21.10 часот од ЕИК Скопје било известено дека околу 16.30 часот две лица  во угостителски објект извршиле насилство врз А.Б. (34) и Ф.Б. (38), двајцата од Скопје. Двете лица, од кои едното му било познато на Ф.Б., комуницирале со Ф.Б. на телефон и набргу потоа дошле во угостителскиот објект во Стара Скопска Чаршија, каде што седеле А.Б. и Ф.Б. Веднаш откако седнале на масата започнале започнале вербална расправија, а потоа и физички го нападнале А.Б.. Истите кога престанале со физичкиот напад продолжиле да му упатуваат закани по неговиот живот и го напуштиле објектот. Од нападот А.Б. се здобил со телесни повреди. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на настанот.

 

На 12.11.2016 година околу 18.20 часот во Струга на ул. „Маршал Тито“ А.Н. (45) од с.Велешта, струшко, извршил напад врз полициски службеник од ПС ОН Струга при вршење работи на безбедноста. Имено, околу 18.20 часот полицискиот службеник, кој бил заедно со  полициски приправник, затекнале непрописно паркирано ПМВ „Голф 6“ со струшки регистарски ознаки. Кога полицискиот службеник го информирал  дека бил непрописно паркиран А.Н. почнал на висок тон, со погрдни и заканувачки зборови, да му се обраќа на полицискиот службеник и физички го нападнал. Со брза интервенција на полициски службеници од ПС ОН Струга, А.Н. бил совладан и приведен во ПС Струга за понатамошна работа. При нападот полицискиот службеник се здобил со телесни повреди. За настанот е запознаен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.11.2016 година во 00.40 часот во Кочани, на ул. „Митко Беќарски“, во куќата сопственост на С.А. (42), настанал пожар при што била изгорена кровната конструкција. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани. Увид дополнително ќе се врши.

На 13.11.2016 година околу 00.00 часот во Скопје на ул. „Среќко Пужалка“, додека шеснаесетгодишно девојче  било само дома, дошло, исто така, шеснаестгодишно момче, нејзин познаник, со кого до пред извесно време била во љубовна врска. Истиот, држејќи нож во рака, влегол преку незаклучената врата. Најпрво и го искршил мобилниот телефон за да не може да повика полиција, а потоа седел речиси до 00.50 часот обидувајќи се да ја предомисли за повторно да бидат заедно. Девојчето се обидело да го оттурне од себе при што се здобила со две површински расекотини од нож на десната рака, а од ударите со тупаница и нанел и повреди на главата. Напаѓачот изреволтиран, со ножот оштетил телевизор, го искршил лаптопот и ја оштетил влезната врата, по што заминал од местото на настанот. Веднаш потоа девојчето отишло на лекарски преглед во Ургентениот центар Скопје. По констатираните телесни повреди истата била пуштена на домашно лекување. Во 04.25 часот во ПС Гази Баба, заедно со нејзините родители, го пријавила случајот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

Во врска со настанот „противправно лишување од слобода“ опишан во билтен од 11/12.11.2016 година, по преземени мерки, на 12.11.2016 година бил пронајден С.Р.. Со истиот бил извршен разговор во кој категорично негирал дека насилно бил внесен во возило и дека истиот самоволно заминал во с.Ранковце кај својот внук. Од извршениот преглед на С.Р. не биле забележани видливи траги на насилство.

На 12.11.2016 година во 08.20 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на м.в. „Разделна“, се случила сообраќајна незгода во која Н.Д. (58) од Прилеп, управувајќи ТМВ „Фургон“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал надвор од патот. Во незгодата Н.Д. се здобил со тешки телесни повреди. Истиот бил пренесен  во Медицинскиот центар Кичево, а по укажаната лекарска помош бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Кичево. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 12.11.2016 година во 13.30 часот на регионалниот пат Берово – Делчево, кај м.в „Балбанци“, се случила сообраќајна незгода помеѓу ТМВ „Фиат Дукато“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.М. (26) од Струмица и ПМВ „Фиат Пунто“ со штипски регистарски ознаки, управувано од И.С. (46) од с.Црник. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на ПМВ „Фиат Пунто “ и сопатникот В.С. (20) од с.Црник. Истите со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Медицински центар Штип од каде, по укажаната лекарска помош, поради сериозноста на повредата В.С. бил пренесен во Клинички центар Скопје, а И.С. бил  задржан на лекување во Медицински центар Штип. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Делчево. Се работи на целосно расчистување на случајот.

СВР Скопје-Единицата за имотни деликти-Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција Карпош и Ѓорче Петров поднесе кривична пријава против С.Ј.(25) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка кражба“, за што од страна на судија на претходна постапка одредена му била мерка од осум дена куќен притвор. Пријавениот на 21.10.2016 година, во периодот од 07.00 часот до 16.20 часот, извршил тешка кражба во стан лоциран на бул. „Никола Парапунов“. Пријавениот со употреба на подесен алат ја отклучил влезната врата, влегол внатре, направил претурање и пребарување по собите и одзел еден лап топ, златен накит и фото апарат со футрола. Истиот, по извршување на делото ја напуштил зградата. По преземени мерки С.Ј. бил пронајден и приведен при што во целост го појаснил начинот на извршувањето на кривичното дело. Се преземаат дополнителни мерки за пронаоѓање на украдените предмети. Инаку, С.Ј. досега бил кривично пријавуван за кривични дела против имотот, општа сигурност на луѓето и имотот, безбедноста на јавниот сообраќај и кривично дело против здравјето на луѓето