Број на текстови објавени денес: 70

МВР НА Р.М БИЛТЕН НА НАСТАНИ ВО Р.М. ЗА ДЕН 14.11.2016 ГОДИНА

zgrada-na-MVR-2

На 13.11.2016 година во 11.00 часот во СВР Битола Н.А. (32) од Битола пријавил дека ноќта непознат сторител извршил оштетување на фасадата од Музејот на албанската азбука, сопственост на Министерство за култура. Сторителот со црна боја ги испрскал мермерната плоча и пластичната табла од влезната врата, а на ѕидот до влезната врата нацртал кукаст крст. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 12.11.2016 година во 23.50 часот во ПО Ростуше Р.Ш. (47) од с.Скудриње, гостиварско, пријавил дека истиот ден во 21.00 часот неговата сестра Н.Р. (50) починала во несреќен случај. Имено, неговата мајка М.Р. (70) со неговата сестра Н.Р. излегле од дома и се упатиле на м.в. „Сисвети“. При обид да ја поминат реката Н.Р  паднала во водата, а нејзината мајка се обидела да ја извлече, но не успеала. М.Р.  побарала помош од најблиската куќа, а лицето М.М. (40) со уште две лица ја пронашле Н.Р. која не давала знаци за живот. Истата ја ставиле во ќебе и со возило ја однеле во нивната куќа, каде од страна на матичниот лекар била констатирана смрт без видливи знаци за насилство. По извршениот преглед од страна на вешто лице од судска медицина констатирано било дека причината за смртта е давење во вода и смрзнување. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Гостивар. Со согласност на Јавен обвинител, телото на починатата е предадено на семејството за погреб.

 

На 13.11.2016 година околу 13.05 часот во ПО Матејче, Н.С. (60) од с.Черкези пријавил дека на локалниот пат во с.Липково, поточно кај браната „Глажња“ пронашол една неескплодирана експлозивна направа. Од страна на полициски службеници и екипа од Одделот за антитерористичка заштита при Управа за безбедност и контраразузнавање констатитано било дека се работи за Рачен ракетен фрлач м-80 од Југословенско потекло. Фитилот кој се наоѓал во внатрешниот дел бил прекинат, истата била уништена со контролирана екплозија при што запалката била одделена од експлозивот, по што истата е подигната од местото за понатамошно вештачење.

 

На 14.11.2016година околу 03.00 часот во Прилеп, на ул.„Сотка Ѓорѓиоски“ настанал пожар во ПМВ „Фолксваген Голф 5“ со прилепски регистарски ознаки, паркирано од сопственикот С.Б.(34) околу 17.00 часот  на 12.11.2016година во дворот на куќата. Пожарот бил забележан од страна на такси возач кој веднаш пријавил во Територијалната противпожарна единица Прилеп и го разбудил оштетениот. Од страна на ТППЕ-Прилеп пожарот бил локализиран и било спречено негово проширување на целото возило и на куќата. Од пожарот настанало оштетување т.е. скршени се стаклата од прозорец и стопени се ролетните. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 13.11.2016 година во 12.30 часот во СВР Куманово, С.П. (46) од Куманово пријавила дека на 12.11.2016 година од домот во непознат правец се оддалечил нејзиниот сопруг  Б.П.(49). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 13.11.2016 година во 11.15 часот во Охрид, на ул. „Ристо Чадо“ се случила сообраќајна незгода во која Л.Р. (45) од Охрид, управувајќи ПМВ „Застава 101“ со охридски регистарски ознаки, изгубила контрола и удрила во запрено ПМВ „Ауди“ со охридски регистарски ознаки, управувано од  К.А. (29) од Охрид. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила Л.Р. (72) од Охрид, сопатничка во ПМВ „Застава“. Истата со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Медицински центар Охрид, каде е задржана на лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид.

 

На 13.11.2016 година во 18.00 часот во ПС за ГП Јажинце, по извршената проверка на ПМВ „Фолксваген Пасат“ со албански регистарски ознаки, управувано од Е.К. (41) од Р.Албанија,  дојдено е до сомнение дека врз ВИН бројот е манипулирано на тој начин што постоечкиот ВИН број е иструган и над оригиналниот има пречукувано други карактери. Лицето било приведено и заедно со возилото, со Потврда за предавање на лице, било предадено во СВР Тетово  за понатамошна постапка.

 

НК за КР Гостивар  поднесе кривична пријава против Џ.Д. (55) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторенo кривично дело ,,насилство“. Пријавенот на 19.09.2016 година повикал мајстори(негов сосед) да постават олук на неговата куќа, но истиот не бил поставен според договорот. Џ.Д., кога видел дека олукот е поставен спротивно на договорот, му се јавил на соседот да се видат, но истиот не можел веднаш да одговори на барањето. Дошол околу 17.00 часот и видел дека олукот бил искршен. Истиот отишол во дворот на Џ.Д. каде настанала вербална расправија, по што соседот со нога му направил оштетување на ПМВ „Застава 101“. Потоа Џ.Д. зел шрафцигер и го нападнал соседот, нанесувајќи му исекотина во пределот на рамото. Џ.Д., во намерата да го продолжи делото, бил спречен од друг сосед кој успеал да му го одземе шрафцигерот.

 

НК за КР Гостивар поднесе кривична пријава против Б.М. (34) од Гостивар, шалтерски работник во Македонска пошта – Подружница ЦРПС Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службената положба и овластување,, и ,,злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот во периодот од 30.07.2016 година до 02.09.2016 година, искористувајќи ја службената положба, во пет наврати и злоупотребувајќи ги личните податоци на физичко лице од Гостивар, при исплата на парични средства во три наврати, противправно ги присвојувал паричните средства од касата на работно место, без за истото да го извести надлежниот субјект во подружницата. На овој начин пријавениот присвоил вкупно 238.749 денари.

 

НК КР Гевгелија поднесе кривична пријава против М.Т. (51) од Скопје, со живеалиште во Богданци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавениот на 06.10.2016 година, додека бил во приватна здравствена организација, искористил момент на невнимание на друг пациент и одзел мобилен телефон по што ја напуштил ординацијата.

 

НК КР Гевгелија поднесе кривична пријава против Џ.С. (24) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавениот во периодот од 22.00 часот на 03.09.2016 година до 07.45 часот на 04.09.2016 година со употреба на сила влегол во куќа на ул. „Слободан Митров Данко“, извршил пребарување  и одзел 5000 денари, мобилен телефон и други предмети по што го напуштил местото.