Број на текстови објавени денес: 65

Матичен гинеколог сам на себе си препишал 182 рецепта од кои 45 антибиотици

lekarka10

По реакциите на Здружението на матични лекари за неможноста матичните доктори самите на себе да креираат упати и рецепти (односно да се водат како матичен пациент самите кај себе), Управата за електронско здравство МојТермин извести:

„Од анализата на податоците од системот Мојтермин се утврди дека кај поголем број доктори од кои кај околу сто се констатирани нереално голем број препишани рецепти, кои докторите си ги препишале самите на себе. Така, Управата утврди дека еден гинеколог си препишал самиот на себе 182 рецепти за една година, од кои 45 се антибиотици. Нереално е и воопшто не соодветствува со протоколите по медицина базирана на докази, пациент да примал антибиотска терапија секој ден во период од една година. Ова е очигледен пример дека станува збор за злоупотреба на системот и на овластувањата од некои од докторите со што директно се оштетува и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, но и пациентите. Доколку некој нереално си препишува антибиотици или било кои други лекови, и истите ги подигнува на товар на ФЗОМ, а тие лекови реално не му се потребни, тогаш некој кому тие лекови му се потребни ќе остане без неопходната терапија. Неправдата која со ова се прави на пациентите е уште поголема кога ќе се знае дека тоа е направено од некој доктор.

Дополнително, Управата утврди и десетици случаи на матични доктори од целата држава кои си креирале над 110 рецепти самите на себе за една година, или во просек секој од нив на себе си препишал по 136 рецепти во текот на една година. За илустрација, доколку се направи споредба за тоа колку рецепти се препишани само на оние граѓани кои во текот на годината биле на лекар (а не на сите осигуреници) ќе се утврди дека просечно се препишуваат 17 рецепти по пациент годишно. Ова значи дека овие доктори си препишале 8 пати повеќе лекови самите на себе отколку просечниот број на рецепти што им го препишале на нивните пациенти.

Кај околу сто матични доктори е констатирано дека самите на себе си препишувале во просек по 72 рецепти на годишно ниво.

Имајќи ги во предвид реакциите и дискусиите во јавноста, Управата одлучи со цел сузбивање на оваа појава, и превенирање на евентуални злоупотреби, да спроведе системска мерка со која ќе се оневозможи само на оние доктори кои го злоупотребувале системот да си креираат упати и рецепти самите на себе како матични пациенти. Управата ги прифати аргументите дека заради неодговорни поединци не треба да бидат казнети сите доктори кои совесно и законски си ја вршат својата дејност.

Управата за овој случај ќе ја информира Лекарската комора на Македонија и Етичката комисија при Лекарската комора.“