Број на текстови објавени денес: 12

Магистерот Груевски против професорот Пендаровски во Скопје

692fb83b61a58f4895e0910784df123d

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ в петок, на истекот на законскиот рок, до Државната изборна комисија ќе ги достави партиските листи за кандидати за народни избраници. На шесте листи, колку што има изборни единици во земјава од владејачкатата партија се очекува носители да бидат истите личности кои требаше да бидат носители за изборите планирани за 5 јуни.

Официјално, од партијата велат дека ќе се испочитуваат законските рокови за доставување на листите. Се очекува, прв во првата изборна единица да биде Никола Груевски, каде противкандидат од опозицијата ќе му биде професорот Стево Пендаровски.

Актуелниот министер за надворешни работи Никола Попоски најверојатно ќе биде носител во втората изборна единица. Во третата – координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во последниот пратенички состав, Илија Димовски, во четвртата министерот за здравство, Никола Тодоров. Носител во петтата изборна единица се очекува да биде пратеникот Антонио Милошоски, а во шестата Влатко Ѓорчев. Иако тие официјално не се назначени, дел од нив на терен веќе остваруваат средби со граѓаните од изборните окрузи.

Соговорниците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на листата за пратеници нема да се најдат извесен број досега познати ликови и министри. Меѓу нив се споменува поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески. Нивното „исчезнување“ од списоците, велат соговорниците, било побарано по низата неуспеси кои ги имале, како и лошиот рејтинг кој и го направиле на партијата. Според соговорниците, на листата ќе се најде и актуелениот заменик за труд Диме Спасов, за кого се тврди дека бил „помилуван“ од лидерот Никола Груевски после инцидентот што го направи со државниот „туарег“ удирајќи две возила. Со одреден број на листите од ВМРО-ДПМНЕ ќе има и од Унијата на млади сили, а ќе се запази и застапеноста на жените.

Иако СДСМ во неделата на Конгрес ги објави имињата на носителите и на кандидатите за пратеници, нивните листи се уште не се доставени до Државната изборна комисија. Од СДСМ велат дека брзаат да ги соберат сите потребни документи за нивните кандидати, по што до истекот на законскиот рок ќе бидат поднесени во ДИК.

Артан Груби од ДУИ вели дека имињата на носителите и кандидатите ќе бидат соопштени наскоро од лидерот на партијата, Али Ахмети.

– Тоа ќе биде сторено до законскиот истек, односно до 11 овој месец – вели Груби.

Од ДПА засега не соопштуваат кој и кога ќе ги соопшти носителите и кандидатите за идниот состав на македонскиот парламент.

Според Роковникот за извршување изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 11 ноември на полноќ ќе истече рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија. По добивањето на листите, ДИК има 48 часа да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.