Број на текстови објавени денес: 86

Крај на новинарството „тој рече, таа рече“

trump-pred-novinari

Неодамна Њујорк Тајмс објави извонредна статија. Тоа што статијата ја направи извонредна не беше настан за кој весникот известуваше. Тоа што ја направи извонредна статијата беше начинот како Тајмс ја прикажа на насловната страница, пишува Питер Бејнарт во Атлантик.

На насловна страница во горниот десен агол, најскапоцениот простор во американското печатено новинарството, Тајмс помести текст за една прес-конференција на која Доналд Трамп изјави дека а) тој сега верува дека Барак Обама е државјанин на САД, б) тој заслужува признание за утврдувањето на тој факт и покрај гласините што тврдат спротивно и в) Хилари Клинтон треба да се обвинува за тие гласини. Традиционално, кога политички кандидат изнесува факти за да се истакне самиот тој, а воедно да се омаловажи противникот, „објективните“ новинари, како тие во Тајмс одговараат со извештај во кој пишува „тој рече, таа рече“.

Таквите статии, според професорот по новинарство на Њујоршкиот универзитет, Џеј Роузен, ја следат следната формула: „Постои јавна расправа околу нешто. Спорот ги прави вестите. Не се прави вистински обид да се процени вистината на спротивставените тврдења во приказната … Симетријата на двата исказа кои имаат спротивни тврдења го става репортерот во средината помеѓу поларизираните екстреми“.

Пример за такво известување е начинот како Њујорк Тајмс информира за тврдењата на Џорџ Буш, за време на неговата кампања против Џон Кери, дека Садам Хусеин тесно соработувал со Ал Каеда. „Буш и Чејни тврдат дека постои силна врска на Ал Каеда со Хусеин“, стоеше во насловот на Тајмс на 18 јуни, 2004. Зошто Буш и Чејни ја покренаа оваа тема? Бидејќи ден пред тоа Комисијата за истрага на 11 септември објави дека Садам Хусеин и Ал Каеда немале „односи на соработка“. Сепак, Тајмс извести за тврдењата на Буш и одговорот на Кери како за подеднакво валидни. Самиот Буш помогна во создавањето на Комисијата за да обезбеди авторитетен, непартиски извештај за настаните што доведоа до случувањата на 11 септември. Сепак Тајмс не сакаше неговиот став да биде со поголема тежина од исказот на Буш. Весникот одби да пресуди за тоа што е вистината.

Некои од насловите во врска со прес-конференциите на Трамп ја следеа таа традиција. „Трамп конечно рече дека Обама е роден во САД, ја обвини Клинтон за контроверзиите“, најави USA Today во насловот. Насловот на АП најави: „Ретерирање, Трамп призна дека Обама е роден во САД“. (Во текстотовите, да бидеме фер, АП и USA Today ја признаваат невистинитоста на тврдењата на Трамп).

Но Њујорк Тајмс, шампион на „тој рече, таа рече“ праксата на известување од кампањите, ја отфрли со неверојатна надменост. Тајмс одговори на прес-конференцијата на Трамп со покренување на „News Analysis” (анализа на вести), жанр кој дава повеќе слобода на новинарите за да ги појаснат вестите. Вестите во „News Analysis” генерално ги дополнуваат традиционалните вести. Но Тајмс наспроти тоа, ја објави „Анализата на вестите“ на врвот на првата страница, додека веста за прес-конференцијата на Трамп ја помести на десеттата страна. Иако во „News Analysis“ вестите воглавно нудат појаснување, тие не нудат громогласна осуда.

Овој пат, громогласна осуда е токму тоа што беше понудено во анализата на Њујорк Тајмс. Во насловот пишуваше „Трамп се откажа од лагата, но одбива да се покае“ Не употребува „невистина“, што остава отворена можноста дека Трамп само погрешил, туку пишува „лага“, што сугерира, поточно, дека Трамп морал да знае дека тоа што го зборува за државјанството на Обама е лага.

Текстот на статијата беше уште повпечатлив. Тоа беше колумна со мислење. Таа почнува со опис на историјатот на кампањата на Трамп да се дискредитира државјанството на Обама. „Тоа не беше вистина во 2011″, започнува првиот пасус. „Тоа не беше вистина во 2012“, започнува вториот пасус. „Тоа не беше вистина во 2014“, започнува третиот пасус. Потоа, во четвртиот пасус заклучува: „Ништо од тоа не беше вистина”. Во написот тврдењето на Трамп дека тој ги отфрлил гласините за државјанство на Обама се наречени „бизарна нова измама“, а за неговите наводи дека Клинтон ги поттикнала нив, беше напишано дека тоа е „уште една невистина“. Потоа, во заклучокот на статијата се вели дека додека Трамп „исцрпи армија луѓе кои проверуваа факти поради неговото погрешно тумачење, претерувања и измислици“,лагата за местото на раѓање беше особено „подмолна“ затоа што „бараше да не се поништи прифаќањето на Афроамериканец како претседател од 69 милиони гласачи кои го избраа“.
Од тој момент, јас се орасположив.

Одреден бонтон одамна го регулираше односот меѓу претседателските кандидати и елитните медиуми. Кандидатите ја растегнуваа вистината, но се обидуваа да не бидат премногу очигледни во тоа. Кандидатите се жалат на нетолеранција, но суптилно. Од друга страна, новинарите одговараат деликатно. Тие ги цитираат партиските луѓе наместо да ги кажат нештата со свои сопствени зборови и користат еуфемизми како „поларизирано“ и „запаливо“ за „расистичко“ и „демагошко“.

Порано политичарите го експлоатираа овој систем. Но Трамп направи нешто без преседан. Тој толку дрско лажеше, толку отворено покажуваше нетрпеливост, и така очигледно го оспорувше владеењето на правото што елитните медиуми ги направи декор на пристојноста. Тој ги претвори интелектуалните новинари во судии на натпреварите во борби за забава.

Њујорк Тајмс одговори на предизвикот на Трамп. Тој ги смени правилата, и весникот исто така. Следниот чекор е дебатирање. Од штабот на Трамп во главно престанаа да даваат интервјуаза никого, освен за ласкавците и славните новинари од лесна категорија, дебатите можеби ќе послужат во неговите последни средби со вистинските новинари. Тие новинари-Лестер Холт, Марта Радац, Андерсон Купер и Крис Валас, мора да бидат подготвени да се соочат со Трамп на начин каков што никогаш порано не се соочувале со некој кандидат. Колку што тој подрско лаже, толку подрско тие мора да ја кажат вистината. Ризиците од тоа се огромни.

Награда е да се биде во можност кога Доналд Трамп се заканува на американската либерална демократија како ниеден кандидат за претседател досега во модерната историја, да се спротивставиш на неговиот предизвик.