Број на текстови објавени денес: 0

Кој последен ќе си замине од Македонија?

elg_3723-copy4

Македонија станува земја на старци. Младите и работоспособното невработено население бараат економска и социјална сигурност во странство и не размислуваат да се вратат во земјата. Се празнат селата, а природниот прираст на населението е негативен во над 45 отсто од општините. Наспроти тоа бројот на новородени деца во странство кои државава ги евидентира како свои жители постојано се зголемува. Во земјава остануваат само оние кои не можат да најдат работа во странство или оние кои тука имаат сигурен приход. Таквото население има во просек од  60 до 65 години и учествува со 20 проценти во вкупното население.

– Македонија влегува во длабоко демографско стареење. Ако не се преземат активности за промена на состојбата, ќе продолжи зголемувањето на старата структура на населението – вели демографот Дончо Герасимовски.

Според него, состојбата на иселување на младото население се гледа во природниот прираст на населението кој во последните 10 години е негативен во 45 отсто од општините.

– Во Пелагонискиот регион состојбата е најдрастична, 50 отсто од населените места имаат негативен прираст на населението. Не е поразлично ниту во Источниот и Југоисточниот регион, каде што цели села па и градовите се без население. Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Кочани скоро и да нема младо население. Последните години и Кичево се соочува со негативен прираст на населението. Центар Жупа, Маврово, Ростуше. Да не зборуваме за Охрид и за општините од каде што населението има традиција на заминување на привремена работа во странство – вели Герасимовски.

Тој додава дека иселувањето кое е карактеристика на Македонија од 90-тите години на минатиот век сега уште повеќе се зголемува, бидејќи сега цели села се без население.

– Според последниот попис од 2002 година имаше 146 раселени села, 160 села имаа до 10 жители, а 640 до 100 жители. Ако се знае дека во овие села останало претежно старо население во овие години сигурно бројката на жители е намалена. Тоа говори дека селата одумираат – вели Герасимовски.

Состојбата, според него, е уште позагрижувачка, што оние кои ја напуштиле земјата немаат намера да се вратат назад иако институциите се уште ги евидентираат како жители на Македонија.

– Според евиденцијата што ја вршат нашите институции, годишно надвор од земјава се раѓаат по 5.000 новороденчиња. Ние ги регистрираме овде како македонски жители, но нивните родители и тие живеат во странство. Уште позагрижувачки е фактот што бројот на новородени деца во странство од година во година се зголемува, а тоа значи дека расте бројот на млади кои се иселиле и формирале семејства и немаат намера да се вратат назад – вели Герасимовски.

Според одредени податоци, вели тој, 50 отсто од младите во земјава веќе ја напуштиле по различни основи најчесто поради економски социјални причини или доусовршување, а другите 50 отсто размислуваат да ја напуштат.

Тој апелира државата да спроведе попис за да ги види вистинските бројки за да може да се преземат и мерки кои би ја подобриле состојбата.

Се согласува дека официјални статистички податоци колку од населението се иселило во последните години во земјава нема, бидејќи последниот попис на населението е направен пред 14 години во 2002 година.

– Бројките од тогаш се променети, а тоа говори уште повеќе дека пописот е неминовен. Бидејќи без попис не може да се создаде иднината на земјата – вели тој.

Бројката на иселени од земјава до наредниот попис ја покажуваат статистиките на меѓународните иституции – Светска банка, Евростат, Меѓународната организација за миграции.

Во 2015 година над 516 илјади македонски граѓани живееле надвор од Република Македонија, што е скоро 20 отсто од вкупното население, покажуваат податоците на Меѓународната организација за миграција. Светска банка пак располага со податоци за иселувањето од земјава до 2013 година. Таа бројка според нив е околу 600 илјади луѓе. Според статистичката служба на Европската унија – Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел млади.

Неодамна и член на Државната изборна комисија повикувајќи се на евиденцијата на МВР објави бројка од 78 илјади луѓе кои ја напуштиле државава во 2015 година.