Број на текстови објавени денес: 2

Караванот „Ние одлучуваме!“ ја посети Струга

struga2-07

Денес караванот на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ ја посети Струга со цел да ги охрабри стружани да ја преземат одговорноста во свои раце, да излезат на претстојните избори и да го реализираат своето право на глас.

Во 12.30 часот, жолтиот брендиран камион на граѓанската акција помина низ старата струшка чаршија привлекувајќи го вниманието на затекнатите граѓани и застана на чаршискиот мост каде беше одржан краток перформанс.

Перформансот вклучуваше испраќање охрабрувачки и мотивирачки пораки до граѓаните преку мегафон и делење летоци со мотивирачките пораки „Ние одлучуваме!“ и „Можеме подобро!“. Додека траеше овој перформанс, долги жолти платна беа спуштени од покривите на стариот струшки безистен и поновиот трговски центар Цома Мол на кои беа испишани пораките „Струга одлучува“ и „Струга не е мала“ на македонски и на албански јазик, а две платна со илустрација на векна леб беа пуштени со хелиумски балони во воздухот со цел да укажат на големиот број млади луѓе кои ги напуштиле своите домови, неможејќи тука да ја обезбедат својата лична егзистенција.

По завршувањето на перформансот активистите на граѓанската акција разговараа со граѓаните за нивните проблеми и им поделија примерок од новиот број на бесплатниот весник “Ние одлучуваме“. Стружани освен големата невработеност, масовното иселување на младите луѓе во странство и непочитувањето на урбанистичките правила, посочија и на тешкиот еколошки проблем кој го предизвикува „времената“ струшка депонија која се наоѓа веднаш на влезот од градот. Депонијата освен што неповратно го загади и уништи плодното струшко поле, нејзиното повремено потпалување го загадува и воздухот, односно облаци од отровен гас се спуштаат над градот, ја уништуваат целата природа и предизвикуваат тешки болести кај граѓаните.

Уште еден проблем за стружани е снабдувањето со чиста и питка вода, како и справувањето со отпадните води. Јавното претпријатие Проаква долги години е во огромна финансиска загуба, а во 2015 година финансискиот минус достигнал и над 900.000 евра. Стружани често остануваат без вода поради исклучување на струјата на водоводните пумпи, а се случило и да добијат нехлорирана вода загадена со ешерихија коли.

Видеата од денешните настани во најскоро време ќе бидат достапни за преземање на следниот линк:

http://nieodlucuvame.mk/category/post-format-video/.

Воедно, тука може да ги најдете и сите останати видеа од перформансите во рамки на акцијата „Ние одлучуваме!“ низ градовите во Македонија.

Граѓанската акција НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ! има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори во 2016 година, да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право.