Број на текстови објавени денес: 0

И струмичките пензионери бараат оставка од Аргировски

dragi-500

Струмичките пензионери побараа оставка од претседателот на Сојузот на пензионерите, Драги Аргировски откако потпиша Меморандум за соработка за претстојните парламентарни избори со лидерот на владеачката ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, јавува 24 Вести.

Според нив Аргировски ја злоупотребил доверената функција и го прекршил статутот на Сојузот, бидејќи здруженијата на пензионери ги ставил во функција на политичка партија.

– Пензионерите се повредени и револтирани бидејќи Аргировски се стави на страната на политичка партија што е спротивно на интересите на пензионерите. Како Сојуз може да потпишуваме Меморандуми со Влада или министерства, но не и со политички субјект и тоа во предизборен период. Со тоа е прекршено уставното право на секој пензионер за самоопределување – вели Данче Даскаловска, претседателка на здружението од Струмица каде членуваат 10.250 пензионери.

Даскаловска истакна дека Извршниот одбор на Сојузот веќе дискутирал на оваа тема и на следното Собрание не се исклучува можноста да биде покрената постапка за разрешување на Аргировски.

Деновиве реагираа и пензионерите од Радовиш, Прилеп и Штип. Тие јавно се оградија од Меморандумот и побараа оставка на претседателот бидејќи со потпишаниот договор ги злоупотребил пензионерите.